Соединетите Американски Држави го предупредиле раководството на Северна Кореја дека таа земја ќе биде целосно уништена ако избие војна, откако Пјонгјанг ја лансирал својата најнапредна ракета, која може да дојде до американското копно.
Американската амбасадорка при ОН, Ники Хејли, на итно свиканата седница на Советот за безбедност по тој повод, рекла дека САД никогаш не сакале војна со Северна Кореја.
"Ако дојде до војна, тоа ќе биде поради континуираните акции на агресија какви што видовме во вторникот. Ако дојде до војна, севернокорејскиот режим ќе биде целосно уништен", рекла Хејли.
Хејли истакнала дека САД барале од Кина да го сопре снабдувањето на Северна Кореја со енергенси.
Амбасадорот на Русија при ОН, Василиј Небензја го повикал Пјонгјанг да ги сопре ракетните тестови, а САД и Јужна Кореја да не оддржуваат воени вежби во декември, бидејќи тоа би ја запалило "веќе и онака експлозивната ситуација".