Додека Москва размислува за привремен прекин на огнот, нејзината воена машинерија продолжува да притиска на бојното поле. Дипломатските преговори можеби се бавни и тешки, но на бојното поле секој момент се мери со изгубени животи, јавува Би-Би-Си од првите редови на конфликтот.
Во воената болница во источна Украина ранетите постојано пристигнуваат во бранови. Овде, јасно е видлив јазот меѓу дипломатијата, која се одвива далеку од борбите, и суровата реалност на војната, каде човечките тела продолжуваат да се разнесуваат со бомби и куршуми.
Екипа на Би-Би-Си била сведок на евакуација на дваесетина украински војници кои се качувале во медицински опремен автобус до болницата во Днипро. Некои се лесно повредени и можат да одат, додека други се носат на носилки. Повеќето беа ранети од шрапнели, резултат на напади со беспилотни летала, оружје што сега доминира на бојното поле и влева најголем страв.
Меѓу ранетите е и 30-годишниот Максим, кој е хоспитализиран поради силни болки од повеќекратни повреди од шрапнели. Тој слушнал за предлогот за 30-дневен прекин на огнот, но се сомнева дека ќе се оствари.
„Го сметам Путин за убиец и убијците не се откажуваат лесно“, вели тој. Вова, војник од регионот околу Покровское, зборува за тоа како секојдневно одбиваат руски напади. „Не верувам во примирје“, додава тој.
Уште еден Максим, кој е ранет по втор пат, нема илузии. „Многу мои пријатели повеќе не се со нас“, вели тој. „Би сакал да верувам дека се ќе биде добро, но на Русија не може да и се верува.
Големиот медицински автобус што се користел за евакуација на ранетите му припаѓа на Украинскиот волонтерски медицински баталјон, познат како Хоспиталери. Секојдневно превезуваат десетици ранети војници.
Софија, 22-годишна студентка по медицина, со нив волонтира веќе 18 месеци. И таа е скептична за прекинот на огнот.
„Сакам да се случи, но не можам да верувам“, вели таа. Додека пристигнуваа вести за американско-украинските преговори за прекин на огнот, руските беспилотни летала летаа над нивната база, а украинската воздушна одбрана се обидуваше да ги собори.
Даниел, уште еден член на медицинскиот тим, пристигна од Шведска. Неговиот дедо се борел против Русите во Финска за време на Втората светска војна. „Историјата се повторува“, вели тој.
Кога првпат пристигнал во Украина, ги прашал ранетите што ќе прават по војната. Сега веќе не го поставува тоа прашање. „Никој не сака да одговори“, вели тој. „Тие не сакаат да бидат разочарани. Не се осмелуваат да се надеваат. Тука е како во паралелен универзум“, додава тој.