Заврши распитот на поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, во кривичниот суд. Во наредните неколку часа судот треба да донесе одлука дали ќе го прифати барањето за притвор на Чавков што го поднесе Јавното обвинителство за организиран криминал. Распитот за другите приведени продолжува.
Адвокатот Љупчо Шврговски за „Макфакс“ потврдува дека завршил распитот на Чавков, како и за Оливер Радулов, кој е осомничен за земањето на хард-дисковите со безбедносни снимки од Собранието, а беше дел од обезбедувањето на директорот на УБК.
Чавков за време на настаните во април раководеше со оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи. Тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратениците и новинарите.
Чавков е меѓу триесет и шесте лица што се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните што се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.