Петар Богојески, еден од лидерите на иницијативата за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, го поздрави одговорот на Бугарската православна црква дека света должност ѝ е да ѝ биде црква мајка на МПЦ.
„27 ноември ќе остане запишан со златни букви во македонската и во бугарската историја. Во 20 век македонската историја беше крунисана со создавањето на Република Македонија како независна држава. Во 21 век круната ќе биде канонизацијата на автокефалноста на Македонската православна црква“, пишува Богојески за БГНЕС.
Тој додава дека заедничко за двата настана е што Република Бугарија е првата што ги поддржа – првин преку признавање на државноста, а сега преку решавањето на конечниот статус на МПЦ-ОА. Крстот што на себе го зеде БПЦ е благослов од Бога и доказ за огромната љубов кон нас христијаните од Македонија“.
Нашите предци, вели тој, од денес ќе бидат поспокојни и радосни за исправката на големите историски неправди.
„Честитка за апостолската храброст на Светиот синод на БПЦ и Светиот синод на МПЦ, особено на бугарскиот патријарх Неофит и на македонскиот архиепископ. Среќен сум што ја имам можноста да бидам современик на овој настан, на овој ден – ден што ќе остане запишан со златни букви во македонската и бугарската историја“, вели Богојески.