Неговата светост забележува дека ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви.
Решението за Македонската православна црква (МПЦ-ОА) се бара толку многу години, па затоа е сложено и треба многу добро да се осмисли. Решението треба да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит. Ова е пораката на бугарскиот патријарх Неофит во пресрет на разгледувањето на писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.
Тој одговарајќи на новинарско прашање дали БПЦ ќе ја има силата да ја заштити МПЦ пред останатите православни патријаршии и дали ќе ја прифати „подадената рака од МПЦ“ бугарскиот патријарх одговори дека тоа е најмалку што може да се направи, „затоа што тие се наши браќа и наш народ, и ќе се стремиме да го зачуваме неговото единство“.
Светиот синод на БПЦ денеска го разгледува писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА. Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.