Османи на брифинг со Иванов во Вилата на Водно

Макфакс

17/11/2017

15:43

1.533

Големина на фонт

а а а

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во претседателскиот кабинет во Вилата Водно имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов.

На средбата вицепремиерот информирал за посетата на Брисел остварена заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и средбите со потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Фредерика Могерини, како и со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан.

Османи брифирал и за пораките на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, кои, на министерскиот појадок во Брисел – Пријателите на Македонија, организиран од страна на Министерствата за надворешни работи на Бугарија и Шведска, изразија подготвеност да ѝ помогнат на земјава во нејзините европски и евроатлантски аспирации.

Тој реферирал и за новите реформски пакети на Владата – Шест и Девет, кои претставуваат заокружување на планот 3-6-9, чија имплементација треба да обезбеди простор за напредок во приближувањето кон ЕУ. Османи потенцираше дека стратегиите и акциските планови содржани во планот 3-6-9 во себе ги имаат инкорпорирано сите забелешки од стана на меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од извештаите на Европската комисија, на Венецијанската комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе, како и сите други извештаи и препораки кои се нотирани како обврска за земјава.

Со тоа, потенцирал Османи, го реформскиот пакет е заокружен, и по чија имплементација се очекува отстранување на условеноста на препораката, како и позитивен извештај со нова чиста препорака од страна на Европската комисија. На крајот, потенцирал Османи, заедно со напредокот во отстранувањето и на отворените политички прашања, се очекува и одлука за почеток на преговорите до средина на 2018 година.

„Имаме неповторлива шанса во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите, и да испорачаме резултат“, истакнал Османи. Тој ја потенцирал важноста на моментумот, повторувајќи ја оценката добиена во Брисел, дека 2018 година треба да биде историска година за напредокот на Република Македонија во европските и евроатлантските интеграции, моментум за кој треба да се заложат сите чинители на општеството, и преку инклузивен процес да се обезбеди и суштински, а не само декларативен консензус за процесот на интеграциите. Османи побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, секако, најмногу за законите за кои е потребен широк политички консензус, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.