По подолга пауза повторно имаме можност да го гледаме Јордан Симонов, овој пат во улогата на тивкиот и повлечен заменик уредник на Инсајдер – Тихомир. За тоа како се соживеал со ликот и колку успешно го прикажал Тихомир, Јордан вели дека треба да пресуди публиката.
Покрај тоа со него разговаравме и за атмосферата на снимањето, за неговото повторното враќање на актерството и за тоа која улога повеќе му лежи, на актер или на режисер.
Инсајдер: Како се чувствувавте во текот на снимањето на серијата? Каква беше атмосферата на сетот, соработката со колегите?
Јордан: Целото искуство за мене е прилично необично, затоа што до сега не сум учествувал во ваков обем, со ваква улога која што е една од главните, каде што од 26 снимачки денови имав 24. Една работа се наметна во целата таа атмосфера, а тоа е брзината. Работевме една епизода на ден и не можеше да се прави некоја голема анализа на тоа што и како е. Моравме повеќе да се потпреме на инстинкт, со блага припрема од претходната вечер. Инаку, атмосферата беше супер и имавме убава соработката со другите колеги од оваа екипа околу која се движи приказната, а и сите кои дојдоа да снимаат. Ние сме професионалци, си ја знаеме работата и тоа е тоа.

Инсајдер: Како вие се соживеавте со ликот?
Јордан: Па, сега за тоа треба другите да кажат малку повеќе. Јас мислам дека добро се соживеав. Некои работи ми легнаа, како на пример оделото кое го носам 24 епизоди. Јас имам еден костим и тоа кажува доста за тоа каков е ликот. Мислам дека добро се соживеав со ликот. Ќе се види тоа и од публиката какви ќе бидат оцените.
Инсајдер: Како се чувствувате повторно да се вратите на тоа што го правевте после подолгата пауза?
Јордан: Добро. Мислам дека за еден актер е многу проблематично кога ќе направи пауза. Тука се соочува со разни животни прашања, меѓутоа мислам дека се е добро што добро ќе се заврши. Се радувам што работам особено на овој проект. За нас актерите во Македонија е среќа да се добие ваква работа. Нема многу вакви проекти и ако тој е добар тоа е бонус плус.

Инсајдер: Дали повеќе се пронаоѓате позади камерата како режисер или пред камерата како актер?
Јордан: Јас магистрирав театарска режија, така што режисер позади камера е нешто што ми е останато, но повеќе не се бавам со тоа. Сега за сега не би се нафатил, а за понатаму не знам. Различни се одговорностите. Додека си актер го градиш ликот и фокусот е на сопствениот лик, внатрешен и надворешен. Од друга страна, како режисер, барем театарски, треба да ја гледаш поголемата слика и да се бавиш со сѐ. Со целокупниот продукт, со сите ликови, со делото, со што сакал да каже авторот. Различно е и секој ангажман си носи свои аспекти на одговорност. Најважно е да ја сакаш работата, не е важно дали си од оваа или онаа страна.
Инсајдер: Кои се вашите тековни ангажмани и планови за во блиска иднина?
Јордан: Освен „Мајсторот и Маргарита“ немам друго нешто на репертоарот во моментот. Во блиска иднина имам некои во најава проекти, но тие не се за кажување и не би ги откривал сѐ уште .















