Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ со големо задоволство најавува два специјални настана на годинашното издание на Фестивалот, кои ќе се одржат денес, 30 октомври, во Кино Култура.
Во 20 часот започна книжевната маса „Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me“ на тема „ограничувањата и предностите на жанровската литература“. Модератор на дебатата ќе биде Владимир Јанковски, а ќе учествуваат гостинот од Шведска Хокан Несер, како и Македонците Елизабета Шелева, Влада Урошевиќ и Калина Малеска.
Во историјата на книжевноста, поточно во валоризацијата на книжевните дела, веќе одамна е напуштена идејата за големата разлика меѓу т.н. високи и ниски книжевни жанрови, т.е. жанрови што имаат високи уметнички дострели и жанрови што служат само за забава, т.е. се дел од популарната култура. Искуството во изминатите 50 години покажува дека жанровите се преплетуваат меѓусебно и дека жанрот многу често претставува само лажна рамка преку која писателот се обидува да проговори за феномените што го интересираат. Од „Името на розата“ на Умберто Еко до „Се викам Црвена“ на Орхан Памук, жанрот игра двојна улога – од една страна тој е магнет за одреден вид читатели, но од друга страна се покажува дека можностите на жанрот се речиси неограничени. Во рамките на разговорот ќе бидат отворени овие прашања – како одредена литература што припаѓа на еден строго одреден жанр станува литература што ги надминува капацитетите и можностите на жанрот; дали жанрот ограничува или дава слобода; можеме ли да зборуваме за жанрови во денешната ситуација со литературната сцена; како жанрот е поставен во контекст на пулп-литературата; дали издавачките стратегии на ставањето на книгите во одредена рамка, маркетиншка ниша, негативно влијаат врз литературата...
Веднаш по дискусијата, со почеток во 21 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Четврток“, „Пред дождот“, „Крајот на времето“ и „Бикини мун“ (најава) од македонскиот уметнички маг Милчо Манчевски. Фестивалскиот слоган „Читај бе, братучед, читај!“ всушност е адаптација на една од најлегендарните реплики на филм токму од Манчевски.
Мултимедијалниот карактер на профилот на Манчевски одлично се вклопува во целиот концепт на фестивалот „Букстар“, па затоа прикажувањето на неговите филмови во рамките на фестивалот е голема чест за организаторите. Милчо Манчевски е писател, режисер, сценарист, фотограф, професор, музичар. Автор на „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“. На „Четврток“, „Крајот на времето“ и на видеоспотови. И на книгата „Слики, зборови и лаги“ и други раскази и есеи. Со „Пред дождот“ го освои светот и ја исцрта Македонија на светската филмска сцена. „Пукај бе, братучед, пукај!“ е инспирација и по повеќе од 20 години. Со „Прашина“ си поигра со очекувањата и ги остави со зинати усти критиката и публиката. Уште се чудат што мајка бара Корто Малтезе. „Сенки“ е првиот и единствениот хорор во македонската филмска историја. „Мајки“ беше цензуриран, забрануван и озборуван. Измеша реалност со фикција, фикција со фикција, реалност со реалност. Отсекогаш ги поместувал границите и ги надминувал очекувањата. „Бикини мун“ го чекаме како бел леб.
Следниот ден, на 31 октомври, најпрво во Книжарницата „Антолог“ на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 во 11 часот ќе се одржи програмската активност „На кафе со Хокан Несер“, а од 20 часот во Клуб ресторанот МКЦ ќе се одржи и промоција на неговата книга „Во окото на свеста“.