Охридската полиција еден час убедуваше жена да не скокне од петти кат

Макфакс

11/10/2017

15:48

2.904

Големина на фонт

а а а

Полициски тим од четворица полициски службеници, претпладнево успешно интервенираше во спречување на лице од Охрид кое сакало да скокне од петтиот спрат на зграда во Охрид, соопшти охридското СВР-Охрид.

Акцијата траеше околу еден час, во зграда во изградба на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Абас Емин“ во Охрид, каде во 10 часот и 55 минути , од жител на Охрид е забележано женско лице и пријавен е обид за самоубиство. По добивањето на информацијата, извршено е обезбедување на подрачјето околу зградата и преземени се мерки за спречување на лицето во обидот за самоубиство.

„Акцијата започна најнапред со иницирање разговори на двајца полициски службеници со лицето кое беше на петтиот спрат и истовремено, внимателно пристапување на други двајца полициски службеници до местото односно до ивицата на петтиот кат каде немаше заштитни огради. Тие, проценувајќи погоден момент, мошне брзо го совладаа растојанието до жената и енергично ја повлекоа и ја оттргнаа од местоположбата односно од ивицата на незаградената тераса на петтиот кат“, соопшти охридската полиција.

Се работи за жена на возраст од 41 година која е безбедно спуштена на приземјето од зградата и е предадена на екипа на Итната медицинска помош од Охрид.

За настанот, пред почетокот на акцијата, известен е Јавниот обвинител кој беше запознат со намерите на полициските службеници како и со исходот од преземените мерки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг