Ќе направиме ревизија на сите постоечки детални урбанистички планови, а ќе ги стопираме оние ДУП-ови кои не се донесени, изјави кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ, на новинарско прашање што е разликата меѓу него и меѓу Андреј Жерновски, кој изминатите четири години беше прв човек на Центар.
„Ќе ги стопираме сите ДУП-ови што не се донесени до сега и ќе направиме планови во кои ќе се земаат предвид одредени параметри и нема да се гради како што се градело досега“, рече Богдановиќ и додаде дека ќе работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.
Тој најави дека ако победи на изборите ќе биде изградена нова детска градинка во просторот кај Маџир Маало и дека ќе го реши еден од, како што рече, најголемите проблеми во општина Центар, а тоа е паркирањето.
„Ќе го решиме овој проблем со изградба на нови монтажни гаражи, но и со ставање во функција на веќе постоечки паркиралишта, ќе ги ослободиме тротоарите и улиците од паркираните возила сè со цел да им дадеме слобода на велосипедистите и пешаците. Исто така, ќе го продолжиме проектот ‘Велосипед за секој центарец’“, рече Богдановиќ.
Во контекст на заштита на животната средина, тој најави дека ќе продолжи со практиката за раззеленување на сите слободни површини.
„Во периодот што следува на транспарентен начин ќе комуницираме со сите вас и ќе ги користиме сите алатки со кои можеме да допреме до вас. Сакам да напоменам дека на овие избори ќе настапиме со чесна и искрена понуда. Сакаме да ви докажеме дека го слушаме гласот на сите граѓани и ве повикуваме сите да учествувате во донесувањето на одлуките и во креирањето на локалните политики. Ќе овозможиме соодветна социјална заштита, ќе го вратиме зеленилото во градското јадро. Ве повикуваме заедно да изградиме општина во која ќе има живот за сите“, рече Богдановиќ во своето обраќање до граѓаните со кое официјално ја почна изборната кампања.