Собранието шести ден расправа за законот за јазиците

Макфакс

23/09/2017

15:03

1.034

Големина на фонт

а а а

„Ајде да го затвориме последното големо прашање од Охридскиот рамковен договор и заедно да градиме една единствена заедничка мултикултурна и демократска граѓанска Македонија“, порача денеска Петар Атанасов од СДСМ на продолжението на собраниската расправа за предлог-законот за употреба на јазиците.

Според Атанасов од СДСМ, сите пратеници од албанските политички партии кажуваат дека има потреба од ваков закон, но оти ВМРО-ДПМНЕ немале храброст да го затворат ова прашање.

Според Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, носењето на законот не е од практична причина за употреба на јазиците од страна на етникумите во Македонија, туку, како што рече, поради предизборниот период и она што е ветено како договор и основа за коалицирање помеѓу партиите од владејачкото мнозинство.

Пратеникот Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ повтори дека е за закон за јазици, но оти е против постапката и одлуката за негово носење од страна на парламентарното мнозинство. Од сите, како што рече, неиздржани аргументи, најмногу го загрижувал и го смета за најопасен аргументот дека ЕУ така налага.

Томислав Тунтев од СДСМ реплицираше дека е факт оти ЕУ нема заедничка политика во однос на јазиците, но дека ЕУ нема ниту заедничка политика во однос на образованието, а владата на ВМРО-ДПМНЕ вовела екстерно тестирање виз-а-ви европските искуства. „Ние можеме да ги земаме искуствата без оглед дали ЕУ има или нема заедничка политика затоа што ЕУ како заедница на независни суверени држави решила кои ќе се областите за кои ќе има заедничка политика. Очигледно ова не е, но тоа не значи дека не е регулирано во тие држави. Напротив, Белгија, Финска, Естонија, Франција, Шпанија, Италија.. секаде се модели каде на еден или на друг начин го регулираме ова прашање, но таму немало конфликт во 2001 година и Рамковен договор во чии рамки се движиме овие години“, рече Тунтев.

Собранието шести ден расправа за Предлог-законот за употреба на јазиците, во прво читање. Расправата за Предлог законот за употреба на јазиците ќе продолжи по редовната попладневна пауза на пратениците.