Можам да се обложам со сите пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го гласаат законот за употреба на јазиците и тоа ќе биде едeн голем пораз за нив, рече пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски.
Таа истакна дека пратениците од ДПМНЕ се во контрадикторност со нивниот лидер, Никола Груевски, кој пред медиумите им се додворува на Албанците објаснувајќи колку направил за нив додека бил на власт.
– Груевски намерно ги става во оган своите сопартијци во Собранието да говорат дека предлог-законот за јазиците е неуставен и не е во согласност со Рамковниот договор. Во отсуство на други аргументи зборувате за нешто во што и сами не верувате. Очајот е толку голем во вашата партија што вашиот лидер по медиумите се обидува да им се додвори на Албанците докажувајќи колку направил за нив во периодот кога бил премиер, а од друга страна, вас како пратеници ве исправа пред срамот да си пукате во ногата говорејќи спротивно на тоа што тој го зборува – рече Ташевска-Ременски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, во своја одбрана изјави дека тој и неговите сопартијци не ги менуваат ставовите, туку тоа го прават само пратениците од СДСМ со цел да се приспособат на ситуацијата и на политичките договори со коалициските партнери.