Само табелите на ВМРО-ДПМНЕ, а не и паричниците на граѓаните покажуваат двојно зголемена плата, вели Левица

Макфакс

31/08/2025

10:56

179

Големина на фонт

а а а

Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека реалната плата е двојно зголемена за една година и дека инфлацијата е стабилизирана се „политичка манипулација и целосно игнорирање на реалноста во која живеат над половина милион работници“, соопшти Левица.

Од партијата посочуваат дека, иако власта ја користи тезата за раст на реалната плата од 6,7 проценти како доказ за подобар животен стандард, во реалноста 73,3 проценти од вработените во мај 2025 година примале плата под просечната. Дополнително, една третина од работниците, односно 169.082 лица, преживуваат со плата пониска од 30.000 денари, што е двојно помалку од синдикалната минимална кошница која во август достигна 65.507 денари.

„Ако растот на реалната плата е толку висок, како е можно една третина од работниците да се под прагот на сиромаштија? Овој парадокс ја разобличува суштината и го истакнува фактот дека статистиките на ДПМНЕ не го одразуваат секојдневието на мнозинството граѓани“, велат од Левица.

Партијата укажува и дека тврдењето за просечна инфлација од 3,6 проценти е вештачки измазнето и ги прикрива вистинските поскапувања на храната, енергенсите и кириите, кои во изминатите пет години пораснале за 30 до 40 проценти. „Стабилизирана инфлација постои само на хартија, додека народот се соочува со неизвесност, долгови и осиромашување“, стои во соопштението.

Како решенија, Левица бара итна контрола на цените на основните продукти, зголемување на минималната плата на 500 евра, подобрување на социјалните механизми за заштита, поголема транспарентност во монетарната и фискалната политика и воведување прогресивен и фер даночен систем.

Според Левица, економската политика на ДПМНЕ е насочена кон „одбрана на привилегиите на малцинството, наспроти интересите на мнозинството граѓани“.