Германската канцеларка го осуди говорот на американскиот претседател Доналд Трамп кој говорејќи на Генералното собрание на Обединетите нации, порача дека ако продолжат провокациите, САД тотално ќе ја уништи Северна Кореја.
„Некои делови од светот одат по ѓаволите. Ако Америка биде загрозена нема да имаме друг избор освен целосно да ја уништиме Северна Кореја. Ким Јонг Ун со ракетните тестови е во самоубиствена мисија. Сега е време сите заедно да работиме да го изолираме Ким се додека тој не престане со непријателското однесување“, изјави Доналд Трамп обраќајќи се пред Генералното собрание на Обединети нации.
Оваа изјава предизвика бурни реакции и кај некои од највлијателните светски политичари, а меѓу нив е и германската канцеларка Ангела Меркел, која што порача дека Германија и САД не се согласуваат околу Северна Кореја, осудувајќи ја заканата на Трамп кон оваа држава.
Ангела Меркел, за која што се очекува дека на парламентарните избори во Германија во недела, ќе го освои четвртиот мандат, порача дека санкциите и дипломатијата се единствениот начин режимот на Северна Кореја да биде натеран да започне да преговара.
„Се противам на таквите закани“, изјави Ангела Меркел за „Дојче Веле“, запрашана да даде коментар за говорот на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на Обединетите нации.
„Секој облик на воено решение го сметаме за целосно непримерен и ние инсистираме на дипломатско решение“, изјави Меркел и додаде дека од нејзина гледна точка „санкциите и нивната примена се добар одговор“.
„Сметам дека се друго во врска со Северна Кореја е погрешно“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Меркел исто така откри дека пред неколку дена во телефонски разговор, му рекла на американскиот претседател дека мора да се пронајде дипломатско решение за големата криза на Корејскиот полуостров.