Анализа: Зошто Доналд Трамп се заканил со уништување на земја од 25 милиони луѓе, а Русија и Саудиска Арабија не ги ни споменал?

Точка

20/09/2017

18:32

16.567

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп отворено се заканил со "целосно уништување" на Северна Кореја, земја во која живеат повеќе од 25 милиони луѓе. Реакции на неговиот прв говор во ОН пристигнуваат од сите страни на светот.

Иако официјален Пјонгјанг уште не одговорил на заканите на Трамп за "целосно уништување" на Северна Кореја, се огласиле низа други држави и ја осудиле воинствената реторика на Доналд Трамп. 

Потсетуваме, американскиот претседател изнел визија за свет создаден од суверени држави кои работат за доброто на своите граѓани, но голем дел од обраќањето на Заседанието го посветил на напад на "ужасните режими" на Северна Кореја, Иран и Венеуела. 

"Тоа беше погрешен говор, во погрешно време, пред погрешна публика", рекла шведската министерка за надворешни работи, Марго Валстром. 

Во својот прв настап на годишното собирање на светските лидери, американскиот претседател го искористил 41 минута долгиот говор за да ги нападне иранските нуклеарни и регионални амбиции, екомонијата на Венецуела и заканата на исламистите. Ја критикувал и кубанската влада. 


Зборувајќи за Иран, Трамп повикал на нови преговори за нуклеарниот договор од 2015. година, кој го постигнал неговиот претходник Барак Обама. Тој договор го нарекол срамен и нагласил дека нема да го потврди кон средината на октомври. 

За Венецуела, Трамп тамошната лоша ситуација ја нарекол тотално неприфатлива, и додал дека САД не можат да седат на страна и да набљудуваат. Предупредил дека САД разгледува понатамошни чекори. 

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза, ги отфрлил заканите на Трамп. "Тој не е претседател на светот...па тој не може да управува ни со својата влада", рекол тој. 

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така држел говор, го бранел нуклеарниот договор со Иран. "Поништувањето на тој договор ќе биде страшна грешка", истакнал Макрон. 

Еден од ретките шефови на држави кои ја поддржале реториката на Трамп е премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху, кој рекол дека договорот со Иран треба да се менува или да се поништи, и искажал противење на ширењето на иранското влијание на Блискиот исток. 


Уште ниеден американски претседател не одржал таков говор во ОН 

Во анализата на Guardian, првиот говор на Трамп е оценет како говор каков што досега не одржал ниеден американски претседател. 

Не е тоа прв таков говор во ОН, но со таква реторика не се служел ниеден американски претседател. Говорот на Трамп потсетува на излегувањата на Никита Хрушчов, Фидел Кастро или Хуго Чавес, наведува Guardian

Во историјата на ОН немало многу отворени закани за целосно уништување на некоја друга држава, а интересно е дека Трамп својата закана не ја насочил кон режимот на диктаторот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, туку кон целата земја во која живеат 25 милиони луѓе. 

Уште поинтересно е дека Трамп оваа закана ја изнел само неколку минути откако главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, апелирал на смирена реторика. 

"Огнените зборови може да доведат до фатални последици", рекол Гутереш пред на бината да се качи Трамп. 


Зошто ги прескокнал Русија и Саудиска Арабија? 

Трамп во својот прв говор во ОН жестоко ги нападнал Северна Кореја, Венецуела и Иран, но заборавил да спомне три фактори кои и тоа како влијаат на светската безбедност: Глобалното затоплување, Русија и Саудиска Арабија, земја која е главен светски извор на исламскиот тероризам. 

Американскиот претседател сакал да повлече јасна линија на разграничување меѓу сопствениот поглед на меѓународните односи и погледот на своите претходници. Повеќе пати нагласил дека различни нации имаат право на своја култура и свои вредности, без мешање на некој од страна, па додал дека ОН ги гледа како форум за соработка меѓу моќните и важните земји, а не за воведување на "глобална влада". 

Зошто Трамп тогаш отворено ги нападнал Иран и Венецуела и се заканил со уништување на Северна Кореја, а притоа не ги споменал Русија и Саудиска Арабија? Одговорот можеби се крие во брифингот кој со новинарите пред заседанието на ОН го имал службеник на Белата куќа. 

Имено, тој на брифингот инсистирал на "длабокиот филозофски аспект" на обраќањата на Трамп, а неговиот пристап во надворешната политика го нарекол "принципиелен реализам". 

Токму тој принципиелен реализам администрацијата на Трамп го користела за да го оправда изостанокот на критики за Саудиска Арабија, Русија и останатите.