ВМРО-ДПМНЕ: Пратениците на СДСМ кукавички се откажаа од дебата за законот за јазиците

Макфакс

19/09/2017

17:07

576

Големина на фонт

а а а

„Пратениците на СДСМ на најкукавички начин се откажаа од дебата за законот за јазиците кој што е со цел воведување на двојазичност на целата територија. Сакајќи да се протне двојазичноста на Македонија на мала врата и да се скрати дебатата денес пратениците на СДСМ иако предходно беа пријавени за дискусија за Законот за употреба на јазиците, се откажаа од дискусија со што според нив очигледно ова е тема која што СДСМ сака да биде што поскоро завршена“, соопшти пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако, целата македонска јавноста бараше јавна дебата со цел детално да се анализира потребата од овој закон, а предходно СДСМ најавуваше дебати и консензус за носење на стратешки прашања за државата, денес го гледаме вистинското лице на СДСМ и на пратениците на парламентарното мнозинство. Зоран Заев со овој закон единствено што сака е да ја одржи неговата селотејп-коалиција, а додека пратениците на СДСМ едноставно како во многу наврати досега не смеат ниту да помислат да гласаат по сопствено убедување, да одлучуваат според својата воља иако нивните наведнати глави доволно говорат дека се свесни каква штета прават за Република Македонија и колкави се штетите од носењето на овој закон. Сепак, со откажувањето од дебата за овој закон од страна на СДСМ се потврди дека оваа партија исто како во неколку наврати во минатото на секој можен начин сака да ја распродаде Република Македонија и сите Македонци“, се додава во реакцијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во соопштението наведуваат дека „ жестоко ќе се протистават на ова кукавичко однесување на СДСМ и со сите дозволени средства ќе се обидеме оваа тема да не помине незабележано и на најгласен можен начин ќе се бориме и ќе зборуваме колку и да пробуваат да не замолчат, за македонските граѓани да го видат и да го слушнат ова однесување на пратениците на СДСМ кои што никогаш па ни сега не се грижеле за потребите на граѓаните“.