Пјонгјанг не отстапува иако Американците се закануваат со уништување: Санкциите само ќе ја забрзаат нашата нуклеарна програма!

Точка

19/09/2017

12:03

1.921

Големина на фонт

а а а

Севернокорејските власти нема да се откажат од својата нуклеарна програма ниту после воведувањето на најновите санкции од страна на Советот за безбедност при Обединетите нации.

Новите санкции кои што ѝ се наметнати на Северна Кореја се „свирепи, неморални и нехумани“ и само ќе ја забрзаат севернокорејската нуклеарна програма, порачаа од севернокорејското Министерство за надворешни работи во соопштението кое што го пренесе државната новинска агенција "KCNA".

Новата серија на санкции која што ја усвои Советот за безбедност при Обединетите нации минатата седмица претставува „непријателски акт кој има за цел физички да го елиминира севернокорејскиот народ“, соопшти севернокорејското Министерство за надворешни работи.

Осмата серија на санкции која што Обединетите нации ѝ ја воведоа на Северна Кореја доаѓа откако Пјонгјанг нареди тестирање на хидрогенска бомба на 3-ти јануари - бомба со најголема разорна моќ досега.


Северна Кореја и минатата седмица ги осуди санкциите како што е забраната за извоз на текстил и порача дека тоа е „обично злосторство“, а исто така тежок удар на Северна Кореја ѝ нанесе и намалувањето на снабдувањето со нафта што би можело оваа држава да ја чини две милијарди долари.

„Зголемувањето на иницијативите на САД и нивните вазали кои имаат намера со санкции да извршат притисок на Северна Кореја, само ќе го забрзаат нашето темпо кон целосна реализација на нашата нуклеарна сила“, стои во соопштението.

Исто така, Северна Кореја во минатиот петок лансираше балистичка ракета преку територијата на Јапонија и повторно го разгори регионот. Поради тоа, Американците испратија неколку тешки бомбардери и ловци кои што изведоа воени вежби со јужнокорејските борбени авиони на територијата на Јужна Кореја.


Деновиве, исто така, амбасадорката на САД во Обединетите нации, Ники Хејли порача дека САД останува со се помалку опции во обидот на дипломатски начин да издејствува Северна Кореја да престане со провокациите и да ја стопира својата нуклеарна програма. Хејли на „СиЕнЕн“ порача дека би сакала целиот „случај“ околу Северна Кореја да му биде предаден на Пентагон.

Амбасадорката Хејли порача дека Американците се обиделе да ги искористат сите можности во Советот за безбедност при Обединетите нации, но нагласи дека во Вашингтон, на маса исто така постојат и низа на воени опции.

„Ако Северна Кореја продолжи со вакво невнимателно однесување и доколку Соединетите Американски Држави ќе мора да се бранат или да ги бранат своите сојузници, Северна Кореја ќе биде уништена“, изјави амбасадорката на САД во Обединетите нации, Ники Хејли за „СиЕнЕн“.