Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе за засилувањето на притисокот и санкциите против Северна Кореја, соопшти канцеларијата на францускиот претседател.
Тројцата лидери ја истакнале потребата од постигнување единствена и одлучна реакција на меѓународната заедница кон Пјонгјанг, се наведува во соопштението од кабинетот на Макрон, пренесе Ројтерс.
САД официјално побараа од Советот за безбедност изгласување на нови санкции против Северна Кореја, наспроти противењето на Русија и Кина.
Вашингтон ја претстави нацрт-резолуцијата со која се бара воведување на ембарго на нафта кон Северна Кореја, замрзнување на сметките на Ким Јонг Ун, забрана на увоз на текстил и спречување на исплатата на севернокорејските работници во странство.
Дипломатски извори велат дека Русија и Кина се противат на мерките, освен на забраната за текстил, пренесува АФП.
Во Северна Кореја, каде денеска се слави Денот на државноста, локалните медиуми издадоа соопштение со кое се повикува на акумулација на оружје во знак на протест поради меѓународните санкции.