Лицемерна и лажна е загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во здравството, бидејќи сите ги чувствуваат последиците од катастрофалните штети што ВМРО-ДПМНЕ ги направи во здравствениот систем.
Никола Груевски, Никола Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ оставија пустош во здравството, руинирани болници, понижени пациенти и лекари, неупотреблива опрема и огромни долгови на здравствените установи, реагира СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека во првите сто дена граѓаните не видоа никакви реформи во здравството.
„Поради криминалното и расипничко владеење на Тодоров и Груевски, сите здравствени установи во Македонија тонеа во милионски долгови. Клиничкиот центар во Скопје должи 3 милиони евра, бидејќи цели 10 години не се плаќале сметки за вода, а Градската општа болница „8ми септември“ има вкупен долг од 5 милиони евра“, велат од СДСМ.
Владата предводена од СДСМ, велат од партијата, стави крај на таквото криминално, коруптивно и расипничко работење во здравството.
„Преку кратењето на непродуктивните трошоци за луксуз, барок, споменици и криминални тендери, се ослободија повеќе пари со кои се санираат штетните последици од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и се спроведуваат мерки што го опоравуваат и унапредуваат здравствениот систем во интерес на сите граѓани“, велат од СДСМ.