Ивица Коневски третпат ќе биде кандидиран за градоначалник на општина Аеродром, соопшти денес генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Освен него, договорено е Николче Чурлиновски да биде кандидат на оваа партија за општина Валандово.
„ВМРО ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе има убедлива победа. Тоа го покажуваат сите релевантни истражувања и тоа го чувствуваме секојдневно при нашите активности и средби со граѓаните. Тие нема да дозволат да бидат вторпат прелажани од Заев и СДС и ќе го казнат нивното катастрофално однесување.
Граѓаните на дело ја видоа неспособноста на Заев и неговите кадри, во овие сто дена од нивното владеење исполнети со понижувања, лаги и создавање хаос. Кадровските промашувања на Заев стануваат негова клучна карактеристика, исто како и неговата страст и порив за противправно работење. И поради ова, ќе биде казнет од народот и убедливо ќе ги загуби локалните избори“, изјави Мицковски на прес-конференција.
Според него, Ивица Коневски е еден од најуспешните градоначалници во Македонија кој зад себе има стотици реализирани проекти, успеал да ја издигне општина Аеродром на ниво на најпосакуваната општина за живот не само во Скопје туку и во Македонија и досега спровел огромен број капитални инфраструктирни и комунални проекти. „Во својата понуда и визија ќе има нови проекти кои се одговор на потребите на барањата на граѓаните на Аеродром“, порача Мицковски.
„Граѓаните за овие три месеци најлесно може да ја увидат разликата помеѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ. Токму локалните избори и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ ќе отворат можност заедно со граѓаните да ставиме крај на ова лудило и деструктиција на СДС. Што побргу по убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, ќе почне процесот за предвремени парламентарни избори со кои ќе се спречат последиците од штетните политики што СДС ги води и во сферата на економијата, и во земјоделството, и во локалниот развој, но најважно од сè во насока на разнебитување на Република Македонија. За татковината се работи“, порача драматично Мицкоски.