Франција го поздрави потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа вчера.
„Франција се надева дека овој договор ќе овозможи Скопје и Софија да ги продлабочат својот дијалог и соработка, особено на политички, економски и културен план и дека ќе придонесе за зајакнување на стабилноста во регионот на Балканот. Франција потсетува дека добрососедските односи и регионалната соработка се основните елементи од процесот на европско приближување. Тие придонесуваат за просперитет, стабилност, помирување и за создавање на погодна клима за решавање на билатералните спорови и проблеми наследени од минатото“, се вели во соопштението на француското министерство за надворешни работи.