Мистеријата на Бирото 39 на Ким: Тие го финансираат најопасниот човек на светот

Точка

18/07/2017

18:23

5.165

Големина на фонт

а а а

Северна Кореја од 2013. година се наоѓа под санкции и отсечена е од глобалниот финансиски систем. Во пракса, меѓутоа, не е баш така: диктатурата во Пјонгјанг користи креативни методи за да го заобиколи ембаргото и да собере девизи во износи кои се мерат во милијарди.

"Бирото 39" е задолжено за координација на тајното работење. Зад таа шифра се крие мистериозна управа, директно потчинета на Ким Јонг Ун, чија единствена задача е богатење на режимот. 

Ри Џонг Хо 30 години работел за "Биро 39". Бил еден од најуспешните работници и од година во година на диктатурата и обезбедувал милиони долари. Во 2014. година со семејството побегнал во Америка, а во интервју за Washington Post, 59-годишниот Ри прв пат проговорил за тоа како шверцувал пари за Ким. Било многу полесно од тоа што си го замислувате. Ри тврди дека девизите во прв ред потекнуваат од трговијата со сировини со Кина, која профитира од бизнисите со Северна Кореја и "поради тоа не се грижи за сакнциите". Дури 90 проценти од севернокорејската трговија се одвива со Кина, а паричните трансакции се вршат едноставно. 

Во една прилика, Ри на капетанот на бродот кој пловел од Далијан во Кина за Нампо во Северна Кореја, му дал торба полна со пари, а еден куфер со пари му дал на човек кој ја минувал границата со воз. 


"Кога кинексата влада ќе пратеше предупредување до Пјонгјанг, трансакциите на некое време беа сопирани. Потоа продолжуваа", вели Ри. 

Само во првите месеци од 2014. година на тој начин пренел 10 милиони долари во Пјонгјанг. 

"Санкциите никогаш не го загрозија нашето трговско работење: И јас бев на листата санкции. Ни на мене не ми наштетија", вели Ри. 


Додека работел за "Бирото 39", Ри водел бродарска компанија и бил претседател на групата "Кореја Кумганг". На крајот ја водел трговската филијала на компанијата "Дахеунг" во кинескиот град Далијан, која, меѓу другото, увезува јаглен и морски плодови, увезува нафта, а активна е и во бродарството. Благодарение на сето тоа, Ри можел да го покрива шверцот на пари во Северна Кореја. 

"Верно му служев на Ким Јонг Ил, и затоа бев награден. Бев богат", рекол Ри за Washington Post

Во 2011. година на власт дошол Ким Јонг Ун. Новиот диктатор во 2013. година наредил убиство на својот вујко Џанг Сонг Тек, кој бил обвинет за предавство, корупција и злоупотреба на дрога. Џанг соработувал и со Кина, рекол Ри. 


По неговото убиство десетина колеги на Ри настрадале како жртви на чистка, па се исплашил дека и него може да го снајде иста судбина. Поради тоа со семејството побегнал во Јужна Кореја, а од таму во САД. 

Меѓународните санкции на Северна Кореја не довеле до саканиот резултат, поради тоа што 100 проценти од претпријатијата во Северна Кореја се државни, објаснува Ри. 

"Кога некоја компанија ќе се најде на листата на санкции, името на истата се менува и веќе следниот ден таа почнува да работи со ново име", вели тој. 

"Ако Кина, Русија и САД не соработуваат, ќе биде невозможно да и се наштети на Северна Кореја", објаснил Ри. 




Спонзорирани линкови

Маркетинг