Србија од денес со два обезвластени премиера

Макфакс

21/06/2017

15:24

698

Големина на фонт

а а а

Делумно инагураниот претседател Александар Вучиќ ја шокираше денес политичката јавност во Србија, повлекувајќи потег, според некои оценки, невиден во политичката и уставната практика.

Откако ја предложи Ана Брнабиќ за нов премиер, половина од премиерските надлежности му ги додели на Ивица Дачиќ, како компензација што не ја доби оваа функција. Според изјавата на Вучиќ дадена денеска, Брнабиќ ќе биде одговорна за економската политика, преговорите со ММФ, како и процесот на натамошна дигитализација, а политичкиот дел од работата на владата ќе го води Ивица Дачиќ.

Две души и две тела, еден премиер – беше првата реакција во Србија на оваа најава од актуелниот претседател. Соговорниците на “Блиц” имаа различни ставови за овој уникатен модел на поделба на власта, од тоа дека преставува “деградација” на премиерската функција, па до тоа дека само покажува колку центарот на моќ од премиерот се префрла на претседателот на државата. 

„Добра работа во сето ова е дека на чело на владата е ставен експерт“, вели соработникот на Факултетот за политички науки“, Бобан Стојановиќ. Сепак, вели тој, лошо е што експертите вообичаено се без политичко влијание, како што е случај сега. „Би рекол дека не е замислено воопшто Брнабиќ да биде она што и припаѓа по Уставот. Можеби Дачиќ многу повеќе ќе се бави со оперативните активности од неа, но пред се Вучиќ ќе биде тој што ќе го контролира поголемиот дел од министрите“ – вели тој.

„Понижувачко е тоа што се вели дека таа ќе се занимава со економијата, а со политиката Дачиќ. Таа практично ќе ја има најмоќната позиција во земјата, а нема целосно да се вклучи во работата што и припаѓа. Ќе има јавно ограничување на нејзините функции“ – додава овој експерт, според кој тука станува збор за поткопување на легитимитетот, бидејќи никој не верува дека таа ќе ја трасира владината политика.

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ оваа поделба на надлежностите не ја гледа како деградација, туку како одраз на вистинската состојба. Според него слична ситуација се случила во 2012 година, кога Ивица Дачиќ бил премиер, а Александар Вучиќ заменик премиер. 

За политичкиот директор на ЦЕСИД, Ѓорѓе Вуковиќ целата оваа ситуација само значи дека центарот на власта се сели од премиерот на претседателот и дека клучните процеси и одлуки нема да се носат во владата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг