Во џамијата, која инаку е 88. по ред во германската престолнина, добредојдени се сите муслимани, сунити, шиити, алавити и суфисти.
Во Берлин е отворена либералната џамија Ибн Рушд Гете, во која мажите и жените можат заедно да се молат, а со која во целост управуваат жени имами.
Ани Зоневелд, со американско-малезиско потекло, една од ретките жени имами на светот, ги повикала верниците и мажите и жените на молитва вчера, кога џамијата Ибн Рушд Гете ги отворила своите врати за муслиманските верници, пренесува AFP.
Една од основачките на џамијата, адвокатка и активистка за женски права, инаку родена во Турција, 54-годишната Сејаран Атес, ја отворила свеченоста поздравувајќи ги гостите христијани и евреи.
"Сакаме да пратиме сигнал против исламскиот тероризам и злоупотребата на нашата религија", рекла Атес.
Атес е позната по тоа што руши табуа, таа повикала на спроведување на сексуална револуција во муслиманскиот свет како и спротивставување на конзервативците, на кои не им дозволува да и го одземат правото да биде муслиманка.
Во џамијата, која инаку е 88. по ред во германската престолнина, добредојдени се сите муслимани, сунити, шиити, алавити и суфисти.