ВМРО-ДПМНЕ негира дека се луксузирала

Макфакс

06/06/2017

14:59

703

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ги нарече лажни вести извештаите за луксузното преуредување на седиштето на владата посочувајќи дека, откако е завршена реконструкцијата пред две години, двајца технички министри и тројца технички заменици министри на СДСМ со право на вето безброј пати биле во овие простории и освен дека се репрезентативно реновирани, не чуле од нив друг коментар.

„Зградата на владата на Македонија е реновирана прв пат откако е изградена. Целиот нејзин ентериер е репрезентативен како за објект од таков ранк и нема ништо луксузно.За да ја покрие својата безидејност и неработење уште во првите денови од власта, СДС пушти делумно лажни и делумно вистинити фотографии од објектот на владата и ентериерното уредување. Манипулативни и лажни беа сликите што се појавија во дел од медиумите дека во објектот имало позлатени чешми, тоалети. Објавуваа и слики од елитни хотели низ светот преставени како дел од ентериерот во владата“, стои во реакцијата на партијата.

Според соопштението, целото реновирање на објектот на владата било спроведено по објавен јавен повик, јавен тендер и електронска аукција, при што е одобрена најниската понуда. 

„СДС/Сорос преку своите фејк њуз медиуми креираат вести дека нашле некакви си фактури од роденденски прослави на ВМРО-ДПМНЕ, службени ручеци и вечери. СДС/Сорос лажат дека овие фактури се од судски извори. Ова е само една пропаганда на СДС против ВМРО-ДПМНЕ. Ова е одработување на СЈО за СДС. СЈО е изгубено во просторот со шамари кои не се случиле и вечери кои не се изеле“, порачаа од партијата. 

„Имајќи во предвид дека СДС се неработници и секој ден се по кафани, прашање е дали парите се обезбедени од членството, од рекет на бизнисмени или од некои надворешни извори“, тврдат од партијата која имаше механизми до пред една недела тоа да го утврди самата. 

Според реакцијата, оградата на владата е ставена заради безбедносно-терористичка заштита, и ако е точно тоа дека се трга заради поголема транспаретност и отвореност кон граѓаните тогаш прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, зошто штабот на СДС е забарикадиран со еден куп рампи и огради, додека седиштето на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една ограда или рампа. „Значи ли тоа дека ВМРО-ДПМНЕ е потранспарентна од СДС“, се вели во соопштението.Според него, седиштето на СДСМ е исто така за 200 метри квадратни поголемо од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг