Пеле, Ерик Кантона и Вини Џонс. Сите тие се спортисти кои во некој момент одлучиле да ги закачат копачките на клинец и да застанат пред филмската камера. Нив сега им се придружи и Дејвид Бекам.
Гај Ричи е познат како режисер кој секогаш не` изненадува со својот стил, како и со своето интересно „доделување“ на улогите. Така, една од улогите во неговиот најнов филм, „Кралот Артур“, му припаднала на легендарната фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам.
Во овој епски фантастично-акционен-авантуристички филм, со Чарли Хунам во главната улога, ќе го гледаме патувањето на Артур од животот на улица до престолот. Но, патот до престолот и до епскиот меч Ескалибур нема да биде едноставен, бидејќи на патот од Артур се испречил грубијанот Тригер, кој го глуми Бекам.
Како што можете да видите и во видеото, Бекам имал само позитивни зборови за ова искуство, а и Хунам не бил скржав со комплименти. Ако се земе во предвид дека Бекам уште претходно имал мала улога во филмот „Шифра U.N.C.L.E.“ на Ричи, јасно ни е зошто и овој пат добро си поминал.