САД ја нападнале воената воздушна база "Шарјат" во Сирија, како одговор на нападот со хемиско оружје на провинцијата Идлиб, за што е обвинета сириската војска.
Како што јавува дописникот на Al Arabiya од Вашингтон, САД веруваа дека сириската војска го започнала нападот токму од таа база.
Во нападот на градот Кан Шаикун, загинале повеќе од 100 цивили и повеќе од 400 луѓе биле повредени, а повеќето од нив настрадале поради труење со забранетото хемиско оружје сарин.
Според извештаите од Сирија, воздушната база "Шарјат" е една од најважните воени бази од каде полетуваат сириски авиони кои ги напаѓаат областите Хомс, Идлиб и Хам. Базата се наоѓа на околу 30 километри југоисточно од Хомс.
Во базата има авиони "MiG 23", "MiG 25", и "Sukhoi Su 25", како и противвоздушни ракети "SM-6", и противоздушни системи и радари.
Во изјавата за AFP, гувернерот на Хомс, Талал ел Барази, кој е лојален на сирискиот режим, рекол дека оваа база е главна воздушна поддршка за сириските воени сили.
"Сириската војска и вооружените сили се борат против тероризмот, а посебно на истокот на Хомс. И неодамна е постигнат значаен напредок, ослободени се гасните полиња, како и градот Палмира и неговата околина. Оваа база источно од Хомс игра клучна улога во поддржувањето на воените операции против ИСИС, посебно во источниот дел на Хомс", рекол Барази.
Воениот аналитичар, Асад Авад ал Зоби, смета дека овие американски воени удари се силна порака до светот и покажуваат дека политиката на претседателот на САД, Доналд Трамп, е многу поразлична од таа неговиот претходник.
Тој рекол дека американскиот напад ќе бил поефективен ако биле гаѓани уште три дополнителни аеродроми кои се важни за сирискиот режим - Думајр, Син и Хама.