Захарова: Американскиот напад во Сирија има внатрешно политички мотиви

Макфакс

07/04/2017

13:45

761

Големина на фонт

а а а

Американскиот ракетен напад врз Сирија има очигледни внатрешни политички конотации, но порано или подоцна ќе биде согледана погубноста на таквата стратегија, изјави во петокот портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, додека извори од теренот предупредуваат дека џихадистите ја нападнале сириската војска истовремено со американските удари.

„Прво, ние сметаме дека тие дејствија не се оправдани, со ништо не се основани“ рекла Захарова алудирајќи на обвинувањата за наводниот хемиски напад од страна на сириската армија.

„Второ, тие, според нашето мислење, имаат апсолутно очигледна внатрешно политичка заднина. Ние повеќепати говоревме, истакнуваме на сите нивоа, дека за жал ситуацијата во светот секоја година сé повеќе и повеќе е под влијанието на политичката ситуација на домашното политичко милје и внатрешните политички состојби во Вашингтон“, ја цитира агенцијата ТАСС портпаролката на министерството за надворешни работи на Руската Федерација. 

Според Захарова, по жестоката предизборна кампања во САД лани, стратегијата на Вашингтон во надворешната политика уште не е формирана. 

„За никој не е тајна дека на новиот претседател на САД едноставно не му е лесно во првите месеци на власта токму поради различните политички институции во земјата кои максимално ја попречуваат работата на новата администрација“, смета Захарова. 

Таа смета дека дејствијата како што е овој ракетен напад од страна на САД врз аеродромот во сириската покраина Хомс, се нелогични и бесмислени, и оти таквото самопотврдување на американските власти е опасно. 

„Но едно е сигурно: таквиот обид за сопствена афирмација за сметка на апсолутно нелогични, непромислени и бесмислени потези од аспект на борбата со меѓународниот тероризам се опасни. Опасно е зашто оди наспроти колективната борба со меѓународниот тероризам, со оваа глобална закана во овој момент (…) Не постои алтернатива за колективните, заеднички напори од страна на сите членки на меѓународната заедница на меѓународна правна основа за спротиставување на меѓународниот тероризам и спречување на неговото ширење, порано или подоцна тоа ќе биде сфатено“, заклучува Захарова во изјавата за новинарите во Москва истакнувајќи дека руската страна би сакала „тоа да се случи што поскоро“. 

Борците на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава ги нападнале позициите на сириската владина армија на патот Хомс – Фуркљус – Палмира истовремено со ракетниот удар на САД врз воздухопловната база Шејрат на истокот од Хомс, соопштија во петокот сириски извори. 

„Дали станува збор за случајно совпаѓање тоа што милитантите на Исламската држава нападнаа една од позициите за одбрана на трасата меѓу Хомс и Палмира истовремено со американскиот напад врз базата Шајрат?“, запрашал соговорникот на агенцијата РИА кој сакал да остане анонимен. 

Кон крајот на ноември минатата 2016 година Пентагон потврди дека во воздушните удари во Сирија во септември, коишто ги изведоа американски, австралиски, британски и дански авиони, се убиени стотина војници на владата на Сирија, а официјален Дамаск и тогаш обвини дека со овој напад им се овозможи на џихадистите од Исламската држава да заземат стратешки важна позиција, започнувајќи офанзива веднаш по воздушниот удар. Американското министерство за одбрана тогаш појасни дека станува збор за серија недоразбирања, недостиг од прецизни разузнавачки информации од теренот и човечки грешки. 

Според соговорникот на агенцијата џихадистите го започнале нападот врз позициите кај Хомс-Шајрат во 2 часот по полноќ и ги држеле заземените позиции повеќе од еден час, додека владините сили не испратиле засилување во областа. Додал дека во продолжени на борбите војската ги потиснува милитантите во длабочината на пустината. 

Гувернерот на покраината Хомс, Талал Барази, претходно изјави дека воздухопловната база Шајрат е главната сила за поддршка на владината армија во борбата против Исламската држава на истокот од покраината, вклучително и во областа на древниот град Палмира. 

Ноќта кон петокот оваа сириска воздухопловна база беше цел на масивен ракетен удар од страна на американската војска. Американскиот претседател Доналд Трамп нападот во кој од бродови во Средоземјето биле истрелани 59 крстосувачки ракети го нарече одговор за наводната употреба на хемиско оружје во покраината Идлиб претходно седмицава во кој загинаа околу 80 луѓе. 

Од Пентагон изјавија дека се обиделе „да ги минимизираат ризиците за персоналот во базата“, вклучително и за руските воени лица кои биле во базата. 

Во Москва овој чекор на Вашингтон го оценија како агресија против суверена држава. Според рускиот претседател Владимир Путин, ракетниот напад бил извршен под лажен изговор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг