Нетанјаху ги отфрли информациите според кои Москва наводно инсистирала Израел да сопре со изведување на своите воени операции на територијата на Сирија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му порачал на рускиот претседател Владимир Путин дека нападите на Израел на сириска територија ќе продолжат, доколку има потреба од тоа.
„Ако од воена и разузнавачка гледна точка тоа може да се спроведе - ние ќе напаѓаме и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Нетанјаху за време на неговата службена посета на Кина, додавајќи дека го информирал Путин за намерите на Израел.
Како што пренесува „Ерусалим Пост“, изјраелскиот премиер ги отфрлил гласините според кои Русите наводно инсистирале Израел да сопре со воените операции на територијата на Сирија.

Сирискиот претседател Башар Ал Асад во понеделникот на неколку руски пратеници кои што беа во посета на Сирија, им порача дека Сирија смета на тоа дека Русите ќе ги спречат новите напади на Израел на сириска територија и ќе му помогнат на Дамаск да избегне отворен конфликт со Тел Авив. Во меѓувреме, руското министерство за надворешни работи му врачи протестна нота на израелскиот амбасадор во Москва.
Израелските борбени авиони нападнале неколку цели во Сирија минатиот петок, а израелскиот систем за ракетна одбрана пресретнал сириска ракета која што била лансирана како знак на одмазда. Сириската ракета била пресретната, но нејзините остатоци паднале во близина на Ерусалим.
Сириските медиуми пренесуваат дека четири израелски борбени авиони влегле во сирискиот воздушен простор преку територијата на Либан и притоа погодиле мета во близина на Палмира, во централниот дел на Сирија.

Сириските власти тврдат дека тој чин на агресија им помогнал на џихадистите на ИСИС, а Нетанјаху тврди дека израелските авиони нападнале конвој кој што им пренесувал оружје на Хезболах.
Недолго после инцидентот, израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман порача дека Израел ќе ја срамни со земја целата против-воздушна одбрана на Сирија доколку сириската армија повторно ги нападне израелските авиони.
Инаку, сириската војска соопшти дека бил соборен еден израелски авион, а друг бил оштетен, додека авионите изведувале операции на небото над Палмира. Израелската војска негираше дека било кој израелски авион бил погоден, а потврдено е само дека сириска ракета била неутрализирана и паднала на израелска територија.











