Заев: Нема појдовни политички платформи или декларации, туку – програма на идната Влада

Макфакс

17/03/2017

15:24

965

Големина на фонт

а а а

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави во петокот дека политичките процеси полека се дефинираат, без разлика што постоеја две неразумни причини, кои ги постави претседателот Иванов, а со кои се изместија од шините сите процеси коишто требаше да течат во нормален тек.

Тој посочи дека како човек и партија позади која стојат 67 потписи на пратеници, има право да очекува да му биде доделен мандатот за да направи обид да формира Влада

„Мудроста, присебноста и толеранцијата не ставија во позиција да имаме разбирање, дури и кога се неразумни ваквите причини којшто ни се дадени. Гледате дека презентиравме програма на новата Влада, за да докажеме дека нема веќе појдовни основи, програми на политички партии, платформи, декларации или изјави, туку има ништо повеќе, ништо помалку – програма на идната Влада на Република Македонија, којашто во својата преамбула има заштита и унапредување на унитарноста на државата, уставниот поредок на Република Македонија, и нашите приоритетни цели, ЕУ и НАТО“, изјави Заев запрашан за начинот на кој ќе ја формира Владата.



Заев потсети на поднесена иницијатива за продолжување на конститутивната собраниска седница. Тоа го стори генералниот секретар на СДСМ, кој во името на сите 67 потписници, ја достави иницијатива за продолжување на конститутивната седница којашто не беше завршена, а на која требаше да се избере претседател на Собранието.

Верувам, рече Заев, дека претседателот на Собранието, ќе испрати допис до Иванов, со што ќе го решиме и овој проблематичен услов од 10 дена, рок за да биде доделен мандатот.

„Верувам дека како сериозни, трезвени луѓе кои ја водат државата, како Иванов, тој е претседател на Република Македонија, а и сите ние коишто сме веќе пратеници во Собранието, и имаме аспирации да ја водиме Македонија, ќе бидеме разумни, ќе се разбереме еден со друг, за да може да и помогнеме, пред сè на Македонија и на сите нејзини граѓани“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.


Спонзорирани линкови

Маркетинг