Специјалниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл во петокот оствари средби со претставници на организацијата Субверзивен Фронт, како и со членови од одборот на Либерално-демократската партија, при што се дискутираше за положбата на ЛГБТИ-лицата во Македонија и начините како Европскиот парламент може да помогне во подобрување на истата.
Истовремено, беа разговарани досегашните заложби на Либерално демократската партија во РМ во застапувањето на правата на ЛГБТИ-лицата, како и идните активности планирани во овој домен. ЛДП е една од малкуте политички партии во РМ кои континуирано и отворено ги поддржуваат ЛГБТИ-лицата во нивната борба за еднаквост во општеството, како дел од пошироката кампања за еднаквост и човекови права за сите.
Антонио Михајлов од организацијата Субверзивен Фронт истакна дека во последните 2 години, ЛГБТИ-прашањата се лоцираа на маргината од политичкиот дискурс во Македонија, како и прашањата на останатите маргинализирани општествени групи, како Ромите и бегалците. Политичката криза која настана со објавувањето на аудио записите од прислушкуваните комуникации на 22 илјади лица во Македонија, меѓу кои и политичари од опозицијата, министри, новинари, активисти и останати, ги пласираше корупцијата и криминалот како главни теми кои го окупираа јавното и медиумското внимание и интерес.
Заштитата и остварувањето на човековите права кои се универзални за сите граѓани на РМ, вклучително и за лезбијките, геј мажите, бисексуалните, транс и интерсексуалните лица во Македонија, беа занемарени во политичката дебата, додаде тој.
Специјалниот известувач на Европскиот парламент, кој е пратеник од Алијансата на либералите и демократите за Европа во Европскиот парламент, Иво Вајгл, истакна дека Европскиот парламент ќе продолжи со посветеноста во застапувањето на правата на ЛГБТИ-лицата во рамките на надлежностите кои ги има, а посебно во земјите кандидати и аспиранти за зачленување во Европската унија. Истовремено, тој ја изрази загриженоста од зголемувањето на влијанието на конзервативните и десничарски движења и реторики ширум Европа, посебно после Брегзит и победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, кои со себе вообичаено репродуцираат хомофобични и исклучувачки реторики.
На средбата стана збор и за актуелната кампања „Гласај за еднаквост“ која Субверзивен Фронт ја спроведува, а се однесува на политичкото учество на ЛГБТИ-лицата во РМ во светло на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември, како и за првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, закажана на 6 дена пред изборите, на 5 декември.