"Затворањето на балканската рута ќе предизвика хаос и конфузија во Европа"

Точка

23/02/2016

16:09

1.665

Големина на фонт

а а а

Затворањето на границите внатре во Европа, кое го преземале европските држави поради загриженоста предизвикана од бегалската криза, ќе предизвика "дополнителен хаос и конфузија", предупредил денес новиот шеф на UNHCR, Филипо Гранди.

"Многу сум загрижен поради вестите кои ги добиваме поради затворањето на сè поголемиот број европски граници на балканската рута, бидејќи тоа ќе предизвика дополнителен хаос и конфузија", рекол Гранди при посетата на грчкиот остров Лезбос.

Околу 8.000 бегалци и мигранти се "заглавени" во Грција, откако Македонија во неделата забранила влез на Авганистанци и вовела построги контроли на документите за Сиријци и Ирачани. Тоа навело и други земји на бегалската рута да одбиваат влез на групите Авганистанци.


"Тоа ќе го зголеми товарот за Грција, која веќе и онака презема голем дел од одговорноста кога станува збор за прифаќањето на бегалците, а се случува во момент кога немаме алтернатива", рекол Гранди.

Тој додал дека степенот за примена на програмата на ЕУ за распоредување на околу 160.000 бегалци од Грција и Италија во други држави членки е "премногу низок", а дека новиот план за директно раселување на бегалците од Турција "сè уште не почнал да се применува".


"Затоа затворање на границите или нивна остра контрола, во отсуство на легални и безбедносни алтернативи за бегалците, ќе го интензивира хаосот и веројатно ќе го зголеми илегалното движење на луѓе, кое ги доведува во опасност", изјавил шефот на UNHCR.

Лезбос е првата точка во Европската унија на која пристигнуваат илјадници бегалци и мигранти, откако го преживеале опасниот пат од соседна Турција, барајќи подобра иднина во Европа.

Само од почетокот на годината повеќе од 100.000 бегалци го минале Медитеранот и пристигнале во Грција и Италија, додека истовремено 413 луѓе загинале во обид да го направат истото, соопштила денес Меѓународната организација за миграција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг