Василиј Зајцев - најдобриот снајперист на сите времиња!

Точка

15/12/2015

10:30

15.400

Големина на фонт

а а а

Познатиот руски снајперист Василиј Зајцев починал на денешен ден во 1991-ва година. Еве неколку историски факти за човекот чии што воени вештини и ден дене се инспирација и предмет на воено-тактички изучувања во светот.

Титулата за најдобар снајперист на сите времиња Зајцев ја стекнал во Втората светска војна, за време на битката за Сталинград. Рускиот снајперист од 10-ти ноември до 17-ти декември 1942-ра година убил 225 непријателски војници и официри (вклучувајќи 11 непријателски снајперисти).

Пред 10-ти ноември убил 32 непријателски војници користејќи ја обичната советска пушка Мосин. Проценето е дека 28-те снајперисти кои ги обучувал Зајцев убиле над, неверојатни три илјади непријателски војници.


Зајцев израснал во уралските планини, снајперските вештини ги изучил од неговиот дедо, а се усовршил ловејќи елени. Зајцев на руски значи зајак, а снајперистите кои што тој ги обучил биле нарекувани „Зајчиња“.

Познато е дека Зајцев имал уникатни вештини за криење пред се, знаел да се сокрие вешто во рушевините, на високи згради или пак во водоводни цевки по што сеел страв меѓу германските генерали на секој чекор. Неговата тактика била да покрие голема територија со помош на уште двајца војници, еден надбљудувач и еден снајперист. Неговите подвизи го кревале моралот на советските војници и се смета за еден од одлучувачките фактори за поразот на германската армија во Сталинград (денешен Волгоград).



Пушката со која што се служел била „стандардната“ Мосин-Нагант М-91/30 калибар со 7.62 милиметри оптички нишан. Во тоа време имало „ПУ“ нишан со зголемување за х3,5, а потоа имало и „ПЕ“ со зголемување до х4. Оваа пушка се смета за најефикасна и најмасовно употребувана во Втората светска војна, а останала во употреба и после Втората светска војна.

Зајцев учествувал во борбите до 1943-та година кога доживеал повреда на очите. Меѓутоа, професорот Филатов со успешна операција му санирал повредите, по што Зајчев по опоравувањето повторно се вратил на фронтот. Крајот на војната го дочекал со чин на капетан, а после војната бил директор на фабрика во Киев.


Одликуван е со најголемото воено признание на Црвената армија - „Орден на херој на Советскиот Сојуз“, а покрај тоа, добил два ордени „Ленин“, два ордени „Црвено знаме“ и уште многу други одликувања.

Според Ентони Бевор, автор на книгата „Сталинград“, некои советски извори тврдат дека Германците за време на битката за Сталинград го довеле командантот на нивната снајперска школа, мајор Хајнц Торвалд за да го ликвидира Зајцев. После неколку дена потрага, Зајцев го убил својот најголем ривал. Овој наводен двобој помеѓу тогаш најдобрите снајперисти во светот е прикажан во Холивудскиот филм „Непријател пред портите“ (Enemy at the Gates).



Оптичкиот нишан на Торвалд наводно му бил најомилениот трофеј на Зајцев, а истиот денес е изложен во Музејот на вооружените сили во Москва.


Зајцев починал на 15-ти декември 1991-ва година на 76 години. Иако неговата желба била да биде погребан во меморијалниот комплекс на Мамајев Курган во Волгоград, тој првобитно бил погребан во Киев. Сепак, на инсистирање на неговата сопруга, во 2006-та година неговите посмртни останки биле префрлени во Волгоград со највисоки воени и државни почести.

Неговиот ковчег е сместен веднаш пред неговиот споменик каде што е напишан неговиот познат цитат: „Нема место за нас зад Волга“.