Проектот "АРМ – мој вистински дом" презентиран пред припадниците на АРМ во Скопје и Куманово

Макфакс

30/10/2015

16:02

1.923

Големина на фонт

а а а

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – потполковник Методија Величковски во петокот во скопските касарни "Страшо Пинџур" – Петровец и "Илинден", како и во кумановската касарна "Боро Менков" беа дел од презентацијата на проектот "АРМ – мој вистински дом" пред припадниците на Армијата.

„Имавме средба со припадниците на АРМ заинтересирани да купат стан преку проектот ’АРМ – мој вистински дом’. Кон крајот на декември и средината на јануари ќе започнеме со градба на првата зграда, а во тек сме да добиеме градежна дозвола од општината Карпош“, истакна министерот Јолевски во касарната „Илинден“. Како што информираше министерот, во тек е изборот на банката која што ќе ја финансира изградбата на становите.

Генералот Величковски во изјава за медиумите истакна дека низ овие години армијата многу често била целна група за многу проекти, но дека досега проектите биле од друга природа – опремување, модернизација, нови касарни, извежбување, оценување, декларирани единици и слично.

„Нас како припадници на Армијата, не радува што ова е првиот проект каде што целна група е она што за сите војници и сите граѓани на Македонија е најважно, а тоа се семејствата“, рече генералот Величковски. Го поздравуваме проектот и верувам дека со завршувањето, дел од припадниците преку него ќе успеат да ја покажат вистинската грижа кон семејството како основна клетка на општеството, додаде тој.

Пред припадниците на Армијата беа презентирани условите за купување на стан во лична сопственост. Воедно, беше презентиран и проектот на првата зграда кој е завршен, како и сите пропратни елементи вклучувајќи го и периодот на изградба и големината на становите. Министерството за одбрана приоритет става токму на овој проект кој директно влијае на подобрувањето на стандардите на припадниците на АРМ.