Министрите за финансии ги намалија очекувањата од самитот на еврозоната за Грција

Точка

22/06/2015

18:28

886

Големина на фонт

а а а

Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната во своите изјави по пристигнувањето на состанокот не Еврогрупата ги намалуваат очекувањата од овој состанок и самитот кој почнува вечерва, и новиот Ден Д го најавуваат за четврток, кога започнува редовниот состанок на врвот на сите земји членки на Европската унија.

„Досега не примивме важни предлози од Атина. Оттаму, министрите за финансии на еврозоната нема да можат соодветно да го подготват вечерашниот самит на шефови на држави или влади на еврозоата“, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на средбата на Еврогрупата.

Еврогрупата, којашто ги собира министрите за финансии од земјите членки на еврозоната, започна во понеделникот состанок за да го подготви самитот на челниците на земјите кои ја споделуваат заедничката европска валута, а кој започнува во 19 часот.

Грчката влада во неделата доцна вечерта на доверителите им го испрати својот нов предлог за договор, но сé уште не е јасно за каков предлог станува збор. Првите реакции од Брисел говореа дека тој предлог преставува добра основа за продолжување на преговорите и постигнување договор, но Шојбле подоцна тврдеше дека во предлогот „нема ништо битно ново“.

Претседателот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблом изјави дека со грчкиот премиер Алексис Ципрас имал „конструктивен разговор“, но дека „денеска дефинитивно не е можно да се оцени грчкиот предлог“.

Комесарот за економски и финансиски работи на ЕУ, Пјер Московоси, изјави, пак, дека „денеска е важен ден за Грција, но преостана уште многу работа“.

Ирскиот министер за финансии, Мајкл Нунан, рече дека очекува дека ќе биде потребен уште еден состанок на Еврогрупата во четврток. И финскиот министер за финансии, Александер Стуб, рече дека очекува „многу малку од денешниот состанок“. Додаде дека во преговорите со Грција први своја оцена треба да дадат претставниците на доверителите – Европската комисија, европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд – а потоа работната група за еврото, потоа Еврогрупата и на крајот челниците на земјите членки на еврозоната.

Германската канцелрака Ангела Меркел уште минатиот четврток рече дека понеделничкиот самит би можел да биде „само консултативен“, а не и тој на којшто ќе мора да биде донесена одлука за Грција. Без одобрувањето од трите институции ЕК, ЕЦБ и ММФ, со коишто грчката левичарска влада со месеци преговара, „самитот ќе биде само советодавен“, реле Меркел на состанокот на нејзината партија во Магдебург. Германските функционери истакнуваат дека има уште време за разработување на сите поединости до новиот самите на ЕУ кој ќе се одржи во четврток и петок во Брисел.

Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во неделата ноќта ги предаде новите предлози за структурни реформи до споменатите три институции, кои бараат прецизни обврски изразени во бројки во замена за деблокирање на траншата којашто ќе ѝ овозможи на Грција да го избегне банкротот и евентуалното излегување од еврозоната.


Спонзорирани линкови

Маркетинг