Џинпинг - Иванов: Кина е подготвена да и' пружи рака на Македонија

Нетпрес

22/10/2013

10:42

901

Големина на фонт

а а а

Кина и Македонија имаат постигнато највисоко ниво на билатерални односи досега, е заедничката оценка на претседателите на двете држави, Си Џинпинг и Ѓорге Иванов на средбата во Големиот народен дом во Пекинг.

„Нашите политички односи изминативе две децении стануваа се посериозни, а како доказ за тоа се меѓусебните односи на високо ниво, зајакнување на политичката доверба и прогрес во меѓусебната соработка во разни области. Кина е подготвена да и пружи рака на Македонија за забрзан развој на нашите односи“, рече кинескиот претседател Џинпинг на почетокот на средбата.

Тој притоа, јави известувачот на МИА, изрази уверување дека на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји, како што рече, „ќе собереме уште плодови“.

Џипинг најави соработка со Македонија во градежни и инфраструктурни проекти, во земјоделството и во други сектори - образованието, културата, кинеската традиционална медицина, со што ќе се поттикне брз развој на односите меѓу двете земји.

И претседателот Иванов истакна дека досега е постигнато највисоко ниво на билатерални односи.

„Констатиравме дека во овие две децении дојдовме до односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво“, изјави претседателот Иванов по средбата, оценувајќи ја како особено пријателска и конструктивна, која траеше два часа, еден час повеќе од вообичаеното за средби од ваков формат.

Тема на разговор на двајцата претседатели, јави известувачот на МИА, биле сите области од взаемен интерес и соработката што е остварена во последните 20 години, од воспоставувањето на билатералните односи.

Станало збор за мултилатералната соработка на глобален план, за нашата поддршка на кинеските кандидатури и нивната особено во Организацијата на Обединетите Нации, за политичките односи, за економската соработка, како и за соработката во областа на културата, здравството, образованието...

„Констатиравме дека политичката соработка се интензивира преку средбите на премиерите, претседателите на парламентите и ете сега и на претседателите на двете држави. Тоа укажува дека на политичко ниво дојдовме до највисоко ниво на соработка“, рече Иванов.

Во однос на економската соработка истакнато е дека од година во година се продлабочува, така што веќе има намалување на трговскиот дефицит.

„На економски план пројавен е интерес за поголемо присуство на македонските производи на кинескиот пазар. Во контекст на тоа беше спомената и иницијативата што е дадена од нашиот премиер да може Кина да отвори во Македонија слободна зона за кинеските фирми. Тој смета дека тоа им оди во прилог на нивните компании и пројави интерес таа идеја да се реализира“, рече Иванов.

Тој притоа укажа на фактот дека Македонија користи голем дел од помошта што Кина ја дава во регионот. Потсети дека минатата влада на Кина одобри 10 милијарди долари средства за Централна и Источна Европа.

„Македонија е прва од тие земји што го финализира својот проект и се надеваме дека по одлуката во македонскиот Парламент Македонија ќе почне да ги користи тие средства за изградбата на автопатот Миладиновци-Штип и Охрид-Кичево. Тоа ќе значи присуство и на кинески фирми во Македонија кои во партнерство со македонските фирми ќе учествуваат во овие големи проекти“, истакна претседателот Иванов.

Посочи дека на економски план има и иницијатива за што поголема соработка во сферата на земјоделството, но не само во однос на алати и машини, туку и на нашите земјоделски продукти.

„Не радува што многу кинески компании извесно време го истражуваат македонскиот пазар и размислуваат за нивни долгорочни инвестиции. Свесни се за сите поволности што ги дава Македонија во сферата на економијата и странските инвестиции. Ги знаат поволностите и бенефитите што ги дава нашата влада за странските инвеститори“, рече Иванов истакнувајќи дека дел од нивната долгорочна стратегија е преку Македонија да имаат пристап и до други земји во нашиот регион.

Во однос на културната соработка рече дека е постигнато многу, а најавениот концерт на кинески музичари во Скопје е само потврда дека таа соработка на културно ниво се одвива и преку министерствата за култура и преку амбасадите, а преку центарот „Конфуцие“ во Скопје ќе има и размена на образовно ниво.

Двајцата претседатели разговарале и за пројавените иницијативи од наша страна за примена на кинеската традиционална медицина во нашиот здравствен систем. - Со претседателот Џинпинг констатиравме дека тоа е една општа атмосфера, дека се повеќе постои интерес за проучување и оспособување на луѓе кои ја применуваат традиционалната медицина, рече претседателот Иванов, додавајќи дека за таа цел е дојден и министерот за здравство Никола Тодоров.

Во македонската делегација е и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Претседателот Иванов утре од Пекинг заминува за Ченгду, во провинцијата Сичуан, каде што ќе присуствува на свеченото отворање на 14. Меѓународен форум за Западна Кина, насловен како „Форум за меѓународна соработка на Западна Кина“, кој го организираат 12 провинции на Западна Кина и 12 министерства на Централната Влада. На Форумот, на кој ќе учествуваат повеќе државници од светот, претседателот Иванов ќе има обраќање на тема „Балансиран развој и заеднички просперитет“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг