Иванов: Соработката со Кина на највисоко ниво, со тренд да се интензивира

Нетпрес

22/10/2013

09:42

762

Големина на фонт

а а а

Соработката помеѓу Македонија и Кина денес е на највисоко ниво на развој, како на политички, така и на економски план, со тренд на зацврствување и интензивирање, за што зборуваат и се почестите средби на највисоко ниво, истакна претседателот Ѓорге Иванов на приемот во Пекинг по повод одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Основата за соработката, како што рече, е во споделените вредности на двете култури.

„Мирот и мирољубивата политика се идеја-водилка на двете држави. Секоја на свој начин, Македонија и Кина придонесуваат кон градењето и одржувањето на светскиот мир“, рече Иванов.

Тој, јави известувачот на МИА, додаде дека двете пријателски држави меѓусебно се поддржуваат и на мултилатерален план во надворешно-политичките активности и кандидатури за меѓународните организации, нивните тела и органи.

Осврнувајќи се на соработката на економски план, шефот на македонската држава рече дека Македонија ја препозна и ја прифати понудената поддршка од кинеската Влада за развивање на својата инфраструктура.

„Можностите за економска соработка меѓу Македонија и Кина се неисцрпни. Имаме добри искуства на полето на енергетиката што треба да се прошири и продлабочи и на другите полиња, како што се земјоделството и кинеските директни инвестиции“, рече Иванов.

Според него, политичката и економската соработка се надополнети со културната соработка.

„Неодамна имав задоволство да го отворам Институтот 'Конфуциј' на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Институт што дополнително ќе ги приближи пријателските народи“, рече Иванов.

Обраќајќи се пред присутните на приемот во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји, шефот на македонската држава нагласи дека Македонија останува да биде сигурен кинески партнер во регионот на Југоисточна Европа.

„Македонската економија е отворена за кинеските инвестици. Македонските граѓани остануваат посветени на градењето пријателски врски со кинескиот народ“, рече Иванов.

Историски гледано, додаде, се наоѓаме на самиот почеток на билатералните односи меѓу нашите две пријателски држави, односи кои во иднина само ќе се продлабочуваат и унапредуваат.

На крајот од обраќањето претседателот Ѓорге Иванов посака следниот јубилеј да го дочекаме со уште поголема соработка и заеднички просперитет, како што рече, за сите нас.

По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Кина и Македонија беше промовирано пригодно плико изготвено од кинеска страна и поштенска марка изработена од македонска страна.


Спонзорирани линкови

Маркетинг