Промовиран Центар за жртви на семејно насилство

Нетпрес

22/08/2013

15:58

2.145

Големина на фонт

а а а

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и помошникот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Весна Џутеска-Бишева го промовираа новиот Центар за жртви на семејно насилство.

Министерот за труд и социјална политика истакна дека Министерството за труд и социјална политика реализира низа активности, во функција на унапредување на мерките за превенција, препознавање и подобрена заштита на жртвите на семејно насилство преку координиран мултисекторски пристап на национално и локално ниво и активности коишто произлегуваат од Националната стратегија за спречување и заштита од семејното насилство 2012-2015.

Министерството за труд и социјална политика досега има отворено 4 Регионални Центри за лица жртви на семејно насилство во: Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе.

„ Со цел да се да се унапредат условите. Да се зголеми капацитетот и просторот, да намалат трошоците, Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка на Канцеларијата на УНДП, а во соработка со локалната самоуправа на Општина Гази Баба, изгради нов објект Центар за лица - жртви на семејно насилство кој денес го промовираме“, рече министерот.

Центарот за лица - жртви на семејно насилство обезбедува дневно и привремено прифаќање и згрижување на овие лица, кое може да трае најмалку три месеци со можност за продолжување до една година, давање советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиена и соработка и поддршка од граѓански организации.

„Системското решавање на проблемот на семејното насилство, зависи од паралелната работа како со жртвите на семејно насилство, така и со сторителите на насилството. Токму затоа, во системот на социјалната заштита предвидено е и советувалиште за извршители на семејно насилство, а со цел за непречено спроведување на изречената привремена мерка на заштита упатување на сторителот на семејно насилство во соодветно советувалиште“, истакна Спасов.

Тој информираше дека во рамките на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје формирано е вакво Советувалиште, а третманот го водат стручни лица од Центарот коишто ја имаат соодветно искуство и имаа поминато потребната обука.

Советувалиштето за работа со сторители на семејно насилство, како нова форма на работа, ги има следниве водечки цели: спречување на насилното однесување на сторителот на семејно насилство, воспоставување на самоконтрола на сторителот на семејно насилство над своите емоции и однесување, стекнување увид во сопственото насилно однесување и прифаќање на одговорност за него, учење на социјални вештини со кои сторителот може да го промени своето однесување и усвојување на ненасилни начини на однесување и промена на вредностите во семејните односи.

Советувалиштето работи според Програмата за психо-социјален третман на извршители на семејно насилство која е структурирана, а терапевтите работат со извршителите на промена на нивниот образец на насилно однесување кој е општествено неприфатлив и се казнува. Третманот служи да се прекине и спречи насилното однесување во семејството.

Исто така, преку третманот се овозможува извршителите да направат конструктивна промена на своето однесување од која тие ќе бидат задоволни и горди, а сигурноста на членовите на семејството ќе се зголеми. Овој третман е прилагоден за работа и со жени сторители на семејно насилство.

Тој потенцираше дека во функција на подобрување и унапредување на заштитата од семејното насилство вакви советувалишта Министерството за труд и социјална политика, планира да отвори и во другите градови на територијата на Република Македонија и тоа: во Битола (до крајот на 2013 година) и во Кичево (во 2014 година).


Спонзорирани линкови

Маркетинг