Гимназијалци oд Прилеп направија прекрасен музички видео запис за песната „Ми заплакало селото Ваташа“

Вчера, 18.06., во просториите на прилепската гимназија “Мирче Ацев”, беше промовиран музичкиот запис за песната „Ми заплакало селото Ваташа“. Пред бројна публика од професори, родители и други гости, учениците кои го осмислија и го создадоа видео-записот, во кратки црти ги запознаа присутните со историскиот настан кој се случил на 16 јуни 1943 година, а потоа ги пренесоа своите искуства, проблеми, згоди и незгоди со кои се соочија во процесот на создавање на записот. На крајот на промоцијата премиерно беше емитуван видео записот, кој изнуди и некоја солза во публиката и кој на крајот беше награден со силен аплауз.