Познатите картонски билети за јавниот превоз во Париз ќе бидат укинати на 15 декември, по 126 години употреба, а патниците отсега ќе користат електронски картички.
Корисниците на јавниот превоз ќе имаат рок до 14 јануари следната година да ги заменат преостанатите важечки картонски билети на шалтерите, пишува весникот „Фигаро“.
Градските власти наведуваат дека преминувањето на картичките „Navigo“ е дел од пошироката модернизација на парискиот јавен превоз, во согласност со современите стандарди.
Картонскиот билет во Париз придружувал генерации жители на парискиот регион и туристи уште од отворањето на метрото во 1900 година.

Во текот на повеќе од еден век, билетот ги менувал своите бои – од кафеава и жолта до зелена, виолетова и бела, а во 1973 година добил и магнетна лента.
За многу корисници, тој претставувал многу повеќе од обичен билет за превоз и станал дел од секојдневните спомени и градската култура.
Колекционерите на билети особено ги ценат старите примероци, чии бои и натписи го откриваат духот на времето.





