Повеќе од 90 лица се повредени во провинцијата Кунар. Надлежните истражуваат дали експлозијата почнала во соседен магацин.
Најмалку седум лица загинаа, а повеќе од 90 се повредени во експлозија кај училиште на периферијата на Асадабад, главниот град на источната авганистанска провинција Кунар. Податоците ги соопшти провинцискиот директор за култура и информирање Сами ул Хак Бајан, пренесе Асошиејтед прес.
Според портпаролот на провинциската полиција Фарид Дехкан, експлозијата се случила околу 10 часот по локално време, во населбата Андар Сер. На снимки објавени на социјалните мрежи се гледа како со автомобили носат повредени деца во болницата во Асадабад. На други кадри се гледа оштетениот училиштен објект.

Архивска фотографија од Асадабад, провинција Кунар. Фото: Ендру Смит / Армија на САД, Wikimedia Commons. Кавер: Qudratkhan / Wikimedia Commons (CC BY 3.0, архивска фотографија од реката Кунар)
Бајан изјави дека, според првичните информации, експлозијата најверојатно почнала во соседен магацин во кој се чувале експлозивни материјали на рударски компании. Тој посочи на можен пропуст во магацинот. Истрагата за причината е во тек.
Според провинциските власти, до 15 од повредените останале во болница, а другите биле пуштени по укажаната медицинска помош.









