Американците ја погодија трговскиот брод во Оманскиот Залив, објавена снимка од нападот

Макфакс

27/11/2026

20:23

141

Големина на фонт

а а а

Американски воен авион го нападна и онеспособи трговскиот брод Пацифик Арчер во Оманскиот Залив, откако неговиот екипаж се обиде да ја пробие поморската блокада на Иран. Нападот следува по проширување на критериумите за блокадата од страна на американската војска.

Американски воен авион вчера нападна и онеспособи трговски товарен брод во Оманскиот Залив, откако неговиот екипаж се обидел да ја пробие американската поморска блокада на Иран, соопшти денеска Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ).

Станува збор за бродот „Пацифик Арчер“, кој плови под знамето на Палау, а испловил од иранското пристаниште Бандар Абас.

Според ЦЕНТКОМ, екипажот добил повеќе предупредувања пред американскиот авион да го погоди бродот и да го онеспособи неговиот погонски систем. Ниту еден член на цивилниот екипаж не е повреден. Американската војска објави и кратка видеоснимка од нападот.

Не е откриено каков товар превезувал бродот, која била неговата дестинација, ниту дали бил одвлечен по нападот.

Нападот се случи нешто повеќе од една недела откако американската војска ги прошири критериумите за спроведување на поморската блокада на Иран.

САД повторно почнаа да ја спроведуваат поморската блокада на 14 јули, а сообраќајот на трговски бродови низ Ормускиот Теснец и натаму е под нивото од 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп, во обраќањето пред припадниците на вооружените сили по повод Денот на благодарноста, ја бранеше блокадата, тврдејќи дека е најуспешната поморска блокада во историјата.