Од први декември се зголемува цената на парното: Просечната сметка ќе се зголеми за 188 денари

Макфакс

27/11/2026

14:50

198

Големина на фонт

а а а

Регулаторната комисија за енергетика информира дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми заради покачувањето на цената на природниот гас, што ќе доведе до зголемување на просечната сметка за парно за 188 денари.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека поради зголемената цена на природниот гас, што е резултат на геополитичките случувања, донесена е одлука со која од 1 декември цената на топлинската енергија се зголемува во просек за 7,56% за домаќинствата што се снабдуваат од ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика.

За корисниците кои се приклучени на мрежата на поранешна топлана Скопје Север, сегашна Енерџи Еколинк зголемувањето е за 5,84%.

Со оваа одлука просечната сметка ќе се зголеми за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денари.

Одлуката следува откако сите компании кои ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Градот Скопје доставија вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената на топлинска енергија, што беше донесена во јули, а е на сила од 1 август 2026 година.

Во Градот Скопје близу 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија, информира РКЕ.