Марк Маркез, возачот кој го редефинираше MotoGP, ја завршува кариерата. Актуелниот шампион и рекордер одлучи Големата награда на Валенсија да биде неговата последна трка, само една седмица откако ја освои осмата титула во кралската класа.
Одлуката официјално ја потврди „Ducati Corse“ во соопштение објавено на Инстаграм. Како што наведуваат од тимот, 33-годишниот Шпанец ќе соопшти повеќе детали на прес-конференцијата на патеката „Рикардо Тормо“, која започнува во 12:15 часот, а дотогаш никој од „Ducati“ нема да се огласува.
Маркез се збогува на свој начин, уште на самиот почеток на првиот слободен тренинг во Валенсија. Пред камерите покажа картони на кои им се заблагодари на сите што биле дел од неговиот пат и порача дека ова е неговата последна трка во MotoGP. „Испишавме историја“, напиша Маркез, пренесува „GPblog“.
Тешко дека можеше да избере подобар момент за заминување. Само пред една седмица, во Портимао, ја освои осмата титула во кралската класа и на тој начин го израмни рекордот на легендарниот Џакомо Агостини, оставајќи го зад себе Валентино Роси со седум титули. Вкупно има десет титули светски шампион во сите класи.
Маркез ја освои титулата во MotoGP уште во својата прва сезона, во 2013 година, и стана најмладиот шампион во историјата на кралската класа. Дванаесет години подоцна стана и најстариот шампион во ерата на MotoGP, што доволно говори за тоа колку долго беше на врвот.
Неговата кариера не беше само низа трофеи. По тешкиот пад во Херез во 2020 година и неколкуте операции на рамото, многумина веќе го отпишаа, но со „Ducati“ се врати и повторно стана недостижен. Токму тоа враќање многумина го наведуваат како доказ дека станува збор за најголемиот возач на сите времиња, а Хорхе Лоренцо, по освојувањето на новата титула, го исклучи Роси од таа дебата.
Одлуката ги шокираше и навивачите и тимот. Маркез имаше потпишан договор со „Ducati“ за 2027 и 2028 година, а шефот на тимот, Давиде Тардоци, како што пишува „The Race“, уште минатата седмица изјавил дека е „100 проценти“ сигурен оти Маркез ќе продолжи.
Наместо тоа, Валенсија оваа седмица ќе се збогува со возачот кој заминува како шампион, на врвот на својата кариера, токму онака како што тоа им успеало на малкумина.
















