Министерот Панче Тошковски на втората национална конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа говореше за постигнатиот напредок и значајниот исчекор во унапредувањето на сообраќајната безбедност во Македонија, подвлекувајќи ја улогата на институциите и граѓаните во намалувањето на жртвите и подобрувањето на условите на патиштата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Целта на конференцијата е размена на добри практики и искуства, унапредување на меѓуинституционалната соработка и утврдување на заедничките приоритети за подобрување на сообраќајната безбедност во урбаните средини. Посебен акцент на конференцијата е ставен на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 година, нејзината имплементација на локално ниво и зајакнувањето на улогата на општините во остварувањето на националните цели и приоритети.
Министерот Тошковски во своето обраќање истакна дека, и покрај значителниот напредок во областа на сообраќајната безбедност, постигнатите резултати не значат дека проблемот е решен, туку дека институциите се на вистинскиот пат и дека со уште поголема посветеност треба да продолжат да работат на неговото надминување.
„Ценам дека навистина ова што го направивме овие три години е огромен исчекор од она што беше претходно. За тоа зборуваат резултатите, за тоа зборуваат меѓународните признанија што ги добиваме, за тоа зборуваат подобрувањата на условите, но најмногу зборуваат спасените човечки животи“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски посочи дека во изминатите 35 години Македонија во просек губела околу 150 човечки животи годишно во сообраќајни несреќи, додека од почетокот на оваа година заклучно со денеска животот во сообраќајот го загубиле 85 лица. Иако станува збор за значително намалување на бројот на жртвите, министерот нагласи дека секој загубен човечки живот е премногу и дека овие резултати треба да бидат дополнителен мотив за сите надлежни институции да продолжат со уште поголема посветеност.
Министерот ја потенцираше важноста на заедничкиот и координиран пристап во унапредувањето на сообраќајната безбедност, нагласувајќи дека станува збор за општествен предизвик чие надминување бара активно учество на централната и локалната власт, стручната и академската јавност, граѓанските организации и сите учесници во сообраќајот.
Во таа насока, Тошковски изрази благодарност до градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Црвениот крст, академската заедница, градоначалниците и полициските службеници за нивниот придонес во подобрувањето на сообраќајната безбедност, имплементацијата на новите технолошки решенија и унапредувањето на законската регулатива.
Посебна благодарност министерот упати до граѓаните, кои со своето одговорно однесување во сообраќајот имаат значаен придонес во постигнатите резултати и меѓународното признание што Македонија го доби во 2026 година за унапредување на сообраќајната безбедност.
„Ценам дека ваквото признание е доказ за тоа дека може да нè биде и ќе нè биде. Само треба да работиме посветено, да имаме јасна цел и визија каде треба да стигнеме, чесно и сите заедно“, порача Тошковски.
Министерот посочи дека безбедноста во сообраќајот, според анализите на јавното мислење на кои се повика во своето обраќање, повеќе од две децении е најзначајната безбедносна тема за македонските граѓани, изразувајќи уверување дека во иднина таа ќе биде препознавана по позитивните резултати, а не по трагичните последици.
Тошковски на крајот нагласи дека заедничката посветеност, институционалната соработка и јасната визија за иднината се основа не само за подобрување на сообраќајната безбедност, туку и за создавање подобри услови за живот во Македонија, оставајќи им на идните генерации побезбедна и поубава држава.















