Мојсоска: Конечно стигнаа добрите вести од премиерот за брзите кеш кредити, но законот што го најавува од 2025 сѐ уште не стигна

Макфакс

27/11/2026

11:30

158

Големина на фонт

а а а

Јована Мојсоска од Левица реагираше на најавите на владата на ДПМНЕ за враќање на незаконски наплатените средства од брзите кредити и го критикува бавното донесување на законите што требаше да се одвива уште од 2025 година, најавувајќи правна борба против лихварските практики.

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на својот Фејсбук профил реагираше на вчерашните најави на владата на ДПМНЕ за враќање на незаконски наплатените средства од компаниите за брзи кредити и спроведување вонредни инспекциски надзори.

Мојсоска потсетува дека Мицкоски уште во 2025 година најавуваше законско решение за регулирање на финансиските друштва, но и по повеќе од една година Владата сè уште нема понудено законски измени. „Само никако да стигне законот што го најавува од 2025“, коментира Мојсоска, оценувајќи дека најавените инспекциски надзори не претставуваат законска регулација на бизнисот со брзи кредити.

Таа ја посочува, како што вели, лицемерната политика на ДПМНЕ, која ветува строга регулација кога е во опозиција, а по доаѓањето на власт ги разводнува сопствените ветувања.

„Истото се случи и со Законот за игрите на среќа, кога ветената дислокација на казината и обложувалниците на три километри од училиштата беше заменета со решение за оддалеченост од само 500 метри!

Наместо да ја ограничи индустријата која профитира од задолженоста и сиромаштијата на граѓаните, Владата продолжува со кукавички и паушални интервенции“.

Левица, нагласува пратеничката, нема намера да чека уште една година на ветувањата на Мицкоски, додека народот е ставен под должничко ропство.

На вчерашната прес-конференција, додава таа, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, ја најави правната битка против финансиските друштва преку законски измени во четири закони. Наместо декларативни најави, Левица ќе отвори правен фронт против лихварските практики, прекумерните трошоци и механизмите преку кои финансиските друштва го претвораат долгот на граѓаните во извор на енормни профити, најави Мојсоска.