Во пресрет на вонредниот самит на Европската Унија во Брисел, унгарскиот премиер Петер Маѓар се спротивстави на предлогот за нов седумгодишен буџет на Унијата, инсистирајќи дека преговорите за европските финансии треба да се одвојат од прашањето за понатамошна финансиска помош за Украина.
По состанокот на лидерите на Вишеградската група во Братислава, Маѓар рече дека предложениот буџет за периодот од 2028 до 2034 година е неприфатлив како почетна точка за преговори, споредувајќи го начинот на кој Брисел се обидува да постигне договор со пазарење на ориенталните пазари.
Тој изјави дека е подготвен за преговори во четврток и петок, но дека би било покорисно ако се понуди разумен предлог, наместо да се водат преговори слични на преговарање на пазари во Каиро, Тунис или Маракеш, објавуваат унгарските медиуми.
Премиерот нагласи дека Будимпешта е во солидарност со Украина и е подготвена да продолжи да ѝ дава помош, но дека нема да се согласи финансирањето на Киев да стане обврзувачки дел од следниот повеќегодишен буџет на ЕУ.
Тој особено се спротивстави на условувањето на преговорите за буџетот со прифаќање на финансиски обврски кон Украина, посочувајќи на веќе ограничените финансиски можности на Унијата.
Лидерите на другите членки на Вишеградската група – Полска, Чешка и Словачка – се изјаснија против предложениот буџет, а австрискиот канцелар Кристијан Штокер присуствуваше на состанокот во Братислава.
Иако сè уште постојат разлики меѓу земјите од Централна Европа во однос на политиката кон Украина, несогласувањето со предложениот буџет им овозможи да ги усогласат своите ставови пред самитот во Брисел.








