Мерц: Русија сака повеќе од Украина, Европа мора да постави јасни граници за неа

Макфакс

25/11/2026

11:50

158

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека Русија има пошироки амбиции од Украина и дека Европа мора да постави јасни граници за неа, истакнувајќи ја важноста од единство и зајакнување на безбедноста во Европската Унија.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Русија точно знае што сака и дека нејзините амбиции одат подалеку од Украина, предупредувајќи во говорот пред Бундестагот дека Москва „ги зголемува тензиите во балтичкиот регион, во Полска, во Црното Море, па дури и во вселената“.

„Ескалацијата се одвива во огромни размери, вклучително и областа во рамките на нашите граници, дури и по цена на човечки животи. Ова е реалност. И токму затоа ние, како Европејци, мораме и сакаме да поставиме јасни граници за Русија“, рече Мерц, објави Гардијан.

Во долгиот говор за буџетот, Мерц рече дека Германија „предолго ги занемарувала суштинските прашања“ во областите на одбраната, инфраструктурата, демографските промени и економијата, посочувајќи на потребата од итно решавање на овие прашања.

Зборувајќи за минатонеделниот состанок на „коалицијата на добронамерните“ во Берлин, Мерц рече дека американската делегација била изненадена од „степенот на единство меѓу Европејците“ кога станува збор за поддршката на Украина.

„Токму оваа решителност овозможува претпазлив оптимизам кога станува збор за перспективите за мир, вистински мир“, рече Мерц.

Тој повтори дека земјите што ја поддржуваат Украина се заштитуваат на овој начин.

„Ова е вистина во смисла што многумина во нашата земја можеби сè уште не ја разбираат целосно“, рече германскиот канцелар.

Мерц изјави дека Германија, соочена со големи предизвици, почнала да го менува својот курс.

Зборувајќи за самитот на Европската унија што започнува утре и очекуваните остри дискусии за време на преговорите за следниот буџет на Унијата, Мерц рече дека не мисли дека Германија издвојува премногу пари за европскиот буџет.

Германскиот канцелар истакна дека е за ограничување на расходите и насочување на средствата кон области што придонесуваат за зајакнување на Европа, пред сè кон безбедноста и конкурентноста.