Освоил милион долари на лотарија, а потоа бил уапсен поради налог за депортација

Макфакс

25/11/2026

11:20

321

Големина на фонт

а а а

Американската имиграциска служба ICE уапси нелегален имигрант кој неколку дена претходно освоил милион долари на државна лотарија во Масачусетс, поради постоечка наредба за депортација од 2014 година.

Американската имиграциска служба ICE уапси нелегален имигрант од Ел Салвадор во Источен Бостон, неколку дена откако освоил милион долари на државната лотарија на Масачусетс.

Три извори на ICE изјавија дека Ариел Антонио Веласкез-Моралес се обидел да избега кога полицајците пристапиле за негово апсење, но брзо бил приведен.

Инцидентот бил снимен со камери на телото, кои ги носеле полицајците.

ICE го барал Веласкез-Моралес врз основа на конечна наредба за депортација издадена во април 2014 година.

Според извори, тој нелегално ја преминал границата на САД во 2013 година во близина на градот Рома, Тексас.

Државната лотарија на Масачусетс му додели награда од 1 милион долари на 18 ноември, а три дена подоцна на Фејсбук објави фотографија од него како држи голем чек.

Веласкез-Моралес го купил добитниот билет од 10 долари за играта 50X Cashword, со награден фонд од 2.000.000 долари, на пазар во Источен Бостон, истиот дел од градот каде што бил уапсен.

Државната лотарија на Масачусетс соопшти дека сите лица над 18 години можат да купуваат билети, под услов тоа да го прават преку лиценцирани продавачи.