Штрајк во Грција: откажани летови и фериботи, промени и во јавниот превоз

Макфакс

25/11/2026

09:10

112

Големина на фонт

а а а

Патничкиот сообраќај во Грција денес е отежнат поради 24-часовен синдикален штрајк во кој учествуваат вработени во јавниот сектор, морнари, наставници и дел од аеродромскиот персонал. Поради прекинот на работата, се очекуваат промени во распоредот на градскиот превоз, откажување на одредени фериботски линии и домашни летови.

Линиите на метрото 2 и 3, електричниот воз и трамваите во Атина ќе сообраќаат од 9 до 18 часот, додека приградскиот воз ќе сообраќа од 9 до 20 часот, објави „Прототема“.

Автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат редовно, но се очекува поголем број патници во периодите кога е достапен јавниот превоз.

Штрајкот ќе влијае и на поморскиот сообраќај. Синдикатите на морнарите најавија прекин на работата на различни категории бродови, што може да доведе до откажувања и промени на фериботските линии.

Синдикатите „ПЕМЕН“ и „Стефенсон“ најавија национален штрајк од полноќ до полноќ, додека ПЕНЕН прогласи прекин на работата во пристаништата во Атика и на бродовите што ги поврзуваат Патрас и Игуменица со Јадранското Море.

Не се очекуваат поголеми прекини во воздушниот сообраќај, но компаниите „Егеан“ и „СКАЈ експрес“ откажаа некои домашни летови поради учеството на вработените на регионалните аеродроми во штрајкот, пренесуват медиумите.

Летовите нема да се реализираат на аеродромите Астипалеја, Икарија, Калимнос, Карпатос, Касос, Кастелоризо, Касторија, Козани, Китира, Лерос, Милос, Наксос, Парос, Ситија и Сирос.

На овие аеродроми ќе бидат дозволени само специјални летови, вклучувајќи летови на државни службеници, воени и хуманитарни летови, како и летови за медицинска евакуација, пребарување и спасување.

На патниците им се препорачува да ги проверат информациите за нивните летови кај авиокомпаниите и аеродромите.

На штрајкот се приклучија и наставниците. Федерацијата на службеници за средно образование (OLME) ги повика вработените во средните училишта и гимназиите да престанат со работа, а продолжувањето на наставата ќе зависи од бројот на наставници што учествуваат во штрајкот.

Тешкотии се очекуваат и во работата на јавните служби, даночните администрации, фондовите за социјално осигурување и општините.

Меѓу главните барања на синдикатот се зголемување на платите, мерки за ублажување на последиците од високите трошоци за живот и домување, зајакнување на јавните служби, склучување колективни договори и враќање на 13-та и 14-та плата на вработените во јавниот сектор.

Синдикатот ADEDY закажа протестен митинг за 10:30 часот на плоштадот Клафтомонос во Атина, додека PAME ќе одржи митинг во Пропилаја. Собир на работничките синдикати е закажан за 11 часот во регионот Омонија.
Најавени се и протести во Солун и други поголеми грчки градови, пренесува Танјуг.